„Да бидам целосно фер кон Биби (прекарот на израелскиот премиер) Нетанјаху, кој навистина е драг човек, тој понекогаш се занесува“, изјави Трамп. „Имаме одлично партнерство“, додаде тој, нарекувајќи го нивниот спор околу Либан „мало недоразбирање“.
Трамп во вторникот упати ретка јавна критика кон израелската воена тактика во Либан насочена кон борците на Хезболах, велејќи дека не било потребно да се бомбардираат цели станбени згради за да се гонат милитантите.
Трамп, кој во последните денови го изрази своето незадоволство од израелските напади во Бејрут, за кои рече дека можеле да го загрозат неговиот мировен договор со Иран, изјави дека Израел „предолго“ се бори против Хезболах, либанска милиција поврзана со Иран.
Американскиот претседател денес навести дека меморандумот за разбирање со Иран за завршување на војната на Блискиот Исток ќе биде потпишан „наскоро“, „можеби“ утре или во петок, и објави дека на Израел му е доставена копија од текстот на договорот.
„Што се однесува до Либан, тоа е нешто на кое ќе треба малку да поработиме“, призна Трамп, при што Иранците бараат Израел да ги запре своите напади врз проиранската милиција Хезболах во Либан. „Тоа е всушност само делче од сложувалката, но сепак привлекува големо внимание“, коментираше Трамп на прес-конференција, додавајќи дека „вистинското прашање е договорот со Иран“, бидејќи таму се „парите и моќта“.
Тој рече дека Вашингтон и Техеран „многу веројатно“ ќе потпишат договор. Потпишувањето е најавено за петок во Женева.
Тој повтори и дека Соединетите Американски Држави ќе го „преземат“ иранскиот високо збогатен ураниум дури и ако е „безвреден“.
Американскиот претседател исто така вети „паралелни“ разговори со земјите од Персискиот Залив во врска со балистичките ракети. Станува збор за земји кои беа погодени во иранските напади за време на американско-израелската војна против Иран.
Трамп им изјави на новинарите, осврнувајќи се на замрзнатите средства на Техеран, дека Соединетите Држави „зеле многу ирански пари“ и дека ќе мора „во одреден момент“ да ги вратат за да спречат земјите да престанат да инвестираат во американскиот долар, пишува Ројтерс.
Исто така, во средата им се заблагодари на кинескиот претседател Си Џинпинг и на рускиот претседател Владимир Путин за, како што рече, нивната неутралност за време на војната со Иран.
„Само сакам да им се заблагодарам затоа што направија да биде многу подобро“, рече Трамп, додавајќи дека двајцата лидери биле „неутрални“.






