среда, 17 јуни 2026

Макрон: Кога Трамп нешто ќе вети, тој се држи до тоа

Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека „секогаш одржувал дијалог“ и „отсекогаш имал доверба“ во американскиот претседател Доналд Трамп, кој за време на самитот на Г7 во Евијан направи неочекуван пресврт во корист на Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Секогаш му кажував како стојат работите. Кога не се согласуваме, тоа го признаваме, но кога нешто ќе вети, тој се држи до тоа“, рече францускиот претседател на прес-конференција.

Макрон му посака топло добредојде на Трамп, кој не е љубител на вакви големи меѓународни собири и минатата година дури предвреме го напушти самитот на Г7 во Канада.

Вечерва ќе биде негов домаќин во палатата Версај, што предизвика критики од противниците на Макрон, кои тврдат дека е премногу помирлив кон американскиот претседател.

„Да не го одржував доследно односот во изминатите неколку месеци, ќе можевте да се сомневате во неговата динамика“, рече францускиот претседател.

Сепак, тој нагласи дека никогаш не бил двосмислен или слаб. „Секогаш бев јасен во изразувањето на моите несогласувања“, изјави тој, наведувајќи ги Гренланд и Украина како примери.

Макрон објасни дека „секогаш одржувал дијалог“ бидејќи дипломатијата не значи само „да примате луѓе со кои целосно се согласувате“. Тој додаде дека Франција знае како да им укаже чест на своите гости.

„Да не се срамиме од тоа што сме. Версај е дипломатска алатка и алатка на моќта“, нагласи тој.

Користејќи спортски жаргон, Макрон изјави дека, како и француската фудбалска репрезентација, без разлика дали игра на гостински терен или дома, целта секогаш е да постигнува голови.

Трамп непосредно пред доаѓањето на самитот на Г7 се закани со воведување царини од 100 проценти на француските вина.

Минатата недела неговата администрација ѝ нареди на американската компанија за вештачка интелигенција Антропик да им го суспендира пристапот до своите најмоќни модели на странските државјани.

„Да не ги видовме претседателот Трамп и неговиот тим, каде ќе бевме денес по прашањето на вештачката интелигенција? Ќе бевме во конфликт, бидејќи денес сè се комуницира само преку објави и соопштенија за јавноста“, рече Макрон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ