четврток, 18 јуни 2026

18 осомничени, 12 уапсени, петмина во бегство, Обвинителството отвори истрага за проневера и перење пари во ФФМ

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), денеска, под раководство на јавен обвинител, Министерството за внатрешни работи (МВР) и Управата за финансиска полиција (УФП) спроведоа акција во која се опфатени повеќе луѓе и фирми, а во врска со работата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ),  соопшти ОЈО ГОКК. Од УФП информираа дека акцијата произлегува од претходно поднесената кривична пријава, а со неа се опфатени двајца поранешни претседатели на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и Мухамед Сејдини (кој веќе се наоѓа во притвор изречен во друга постапка), тројца вработени во федерацијата, осум фирми како и управители, сопственици и овластени лица на фирмите осомничени за проневера и перење пари. Од ФФМ денеска соопштија дека ја предале целокупната документација до надлежните органи за периодот 2015 до 2019 година.

Објавено на

часот

Сподели

Со наредбата за истрага се опфатени двајца поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело проневера во службата, раководителката на Одделението за финансии и сметководство при ФФМ, 14 управители, сопственици и овластени лица во правни лица, како и раководител на Одделот за судии и судење при ФФМ на кои покрај кривичното дело проневера во службата, се сомничат и за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело. За истите кривични дела осомничени се осум фирми.

„Според доказите обезбедени во предистражната постапка, првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, во периодот од 1 јануари 2015 година до 25 јули 2018 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за други лица, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари. Второосомничениот, исто така во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со истата осомничена, во периодот од 25 јули 2018 година до 10 октомври 2019 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, присвоил парични средства доверени во службата во износ од 53.351.209 денари“, информираа од ОЈО ГОКК.

Оттаму додаваат дека осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе фирми, вршела манипулации со сметководствената евиденција на Фудбалската федерација.

„Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер. Со ваквите постапки предизвикала сметководствената евиденција на ФФМ да содржи нецелосни, неточни и манипулирани аналитички картици за деловни партнери и трошоци“, се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.

Како што информираа од УФП, двајцата осомничени поранешни претседатели на ФФМ, во различни временски периоди, иако биле должни да обезбедат законито, економично, наменско и транспарентно користење на финансиските средства и да вршат контрола над финансиското работење на федерацијата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од страна на осомничената раководителка. Со тоа овозможиле исплата на парични средства без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите.

„Постапувајќи спротивно на член 92 од Статутот на ФФМ и член 6 од Правилникот за организација на ФФМ, како и непреземајќи мерки за спречување на незаконито користење на средствата, тие предизвикале штета на Фудбалската федерација на Македонија во вкупен износ од 180.802.365 денари.

Осомничените управители, сопственици и овластени лица во правните лица, во име и за сметка на правните лица, издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ. Врз основа на тие фактури, осомничената раководителка изготвувала налози за исплата кои биле доставувани до одговорните лица во ФФМ за одобрување и потпишување.

На овој начин на ФФМ ѝ била причинета штета во наведениот износ, додека правните лица се стекнале со противправна имотна корист. Потоа, средствата прибавени со кривичното дело биле примани, раситнувани, пуштани во оптек и користени во финансискиот промет со цел прикривање на нивното незаконско потекло“, соопштија од Финансиската полиција.

Во акцијата се приведени 12 од 18 осомничени, додека петмина се недостапни на органите на прогонот. За 10 осомничени јавниот обвинител бара притвор, додека за седуммина мерки на претпазливост. Второосомничениот е веќе во притвор определен во друга постапка.

Од ФФМ денеска преку соопштение до јавноста информираа дека веќе ја предале целокупната документација до надлежните органи за периодот 2015 до 2019 година.

„Во врска со предметот кој Фудбалската федерација на Македонија го пријави до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во 2019 година, информираме дека по поднесената пријава беше спроведена истрага од страна на Управата за финансиска полиција, по што во 2020 година беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство. Според документацијата доставена до надлежните институции, вкупната штета нанесена на Фудбалската федерација на Македонија за периодот од јануари 2015 година до крајот на 2019 година изнесува повеќе од 2,5 милиони евра. Во изминатиот период ФФМ немаше повратни информации за текот на постапката и евентуалното постапување по предметот. На крајот на 2025 година од Федерацијата беше побарана дополнителна документација, која во целост беше доставена до надлежното обвинителство на почетокот на 2026 година. Истовремено, со официјален допис повторно беше укажано на висината на утврдената штета и беа доставени дополнителни релевантни информации. Фудбалската федерација на Македонија ќе продолжи целосно да соработува со сите надлежни државни институции во постапките поврзани со евентуални незаконитости и заштита на интересите на Федерацијата“, велат од ФФМ.

За 10 од осомничените јавниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе бара притвор, додека за седуммина ќе бидат предложени мерки на претпазливсот. Второосомничениот Сејдини е веќе во притвор определен во друга постапка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ