„Силно сме посветени на развојот на националните одбранбени капацитети, кои се составен дел од колективната одбрана на алијансата. Тоа е евидентно преку инвестициите во одбраната, но и преку процесот на модернизација и опремување, кој е видлив со секој изминат ден“, изјави Мисајловски.
Како што соопштуваат од Министерството за одбрана, тој посочил дека се издвојуваат рекордни средства во одбраната, кои, како што нагласи, се користат ефикасно за опремување и модернизација, со што се овозможува исполнување на НАТО-целите за способности во предвидената динамика.
„Нашата држава прави исчекор во развојот на капацитетите“, рече Мисајловски додавајќи дека во изминатата година е пристигната значајна воена опрема, која заедно со развојот на човечките ресурси овозможила Лесната пешадиска баталјонска група да биде оценета како „борбено способна за извршување на својата мисија“ според НАТО-стандардите.
На маргините на состанокот министерот остварил билатерални разговори со повеќе колеги, меѓу кои и со грчкиот министер за национална одбрана, Николаос Дендијас. На средбата, како што информираат од Министерството за одбрана, била истакната заедничката стратешка определба за стабилен регион и силна колективна одбрана, како и значењето на континуираната одбранбена соработка.
Соговорниците ја нагласиле и отворената и конструктивна комуникација меѓу двете земји, која придонесува за реализација на заедничките активности од годишниот план за одбранбена соработка.
„Мисајловски додаде дека тековните инвестиции во одбраната и безбедноста, како и вложувањата во транспортната инфраструктура по должината на коридорите 8 и 10, придонесуваат за зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот и за подобра заштита на граѓаните“, дополнуваат во соопштението.






