четврток, 18 јуни 2026

Зеленски по масовниот напад на Русија: „Ако гори Украина, ќе гори и Москва“

Москва се најде под најголемиот украински напад од почетокот на војната. Речиси 200 дронови погодиле цели во и околу руската престолнина, при што густ црн чад се издигнал над градот, јавува Би-би-си.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Според гувернерот на Московската област, Андреј Воробјов, во регионот биле повредени 17 лица.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во изминатите 24 часа неговите системи пресретнале и уништиле речиси 1.000 дронови и четири украински крстосувачки ракети низ целата земја.

Погодено било и складиште за нафта во јужниот дел на Ростовската област, каде што загинало едно лице.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев повторно ја погодил Московската област со „санкции со долг дострел“, термин што го користи за украинските напади длабоко на руска територија.

„Време е оваа војна да заврши, а Русија мора да ги преземе потребните чекори во дипломатијата“, изјави Зеленски.

Тој појасни дека масовниот напад бил одговор на минатонеделниот руски удар врз Киев, при кој беше оштетен значаен историски и верски споменик.

„Ние не ја сакаме оваа војна и никогаш не сме ја сакале“, порача Зеленски, додавајќи: „Но ако гори Украина, ќе гори и вашата Москва.“

Пожари избувнале откако рафинеријата Капотња, во југоисточниот дел на Москва, била погодена по третпат во последниот месец, односно вторпат оваа недела.

Поради експлозиите, небото над делови од градот било прекриено со густ чад. На снимките што кружат на социјалните мрежи се гледа како покривот на голем резервоар за нафта бил исфрлен десетици метри во воздух.

Опожарен е и блискиот трговски центар, откако врз него, според првичните информации, паднале остатоци од соборен дрон.

Жителите на неколку станбени облакодери биле евакуирани, а четири московски аеродроми биле привремено затворени. Повеќе од 500 летови биле откажани или одложени.

Иако локалните власти во Русија забранија објавување снимки од последиците од нападите, на социјалните мрежи се појавија десетици видеа кои прикажуваат дронови како летаат над Москва сред бел ден и експлозии над индустриските зони во предградијата.

Четири и пол години по почетокот на целосната руска инвазија, исцрпувачката војна на фронтот продолжува, но таа останува далеку од секојдневието на повеќето руски граѓани.

Според анализите, нападите со долг дострел врз цели низ Русија, вклучително и Москва и Санкт Петербург, покажуваат дека Зеленски сака „да ја донесе војната дома“ кај руското население.

Нападите со дронови врз Москва, која се наоѓа на околу 500 километри од украинската граница, стануваат сè почести како што Украина ги развива своите технолошки капацитети.

Првите успешни украински летала стигнаа до руската престолнина во пролетта 2023 година, но тогаш нападите беа ретки и со мал број дронови.

Во меѓувреме, Русија распореди силна противвоздушна одбрана околу Москва, но бројот на украински беспилотни летала значително се зголеми, па дел од нив успеваат да ја пробијат заштитата.

Од друга страна, Киев соопшти дека Русија во текот на ноќта лансирала повеќе од 200 дронови и неколку балистички ракети кон Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој во Казањ е домаќин на лидерите на земјите од Југоисточна Азија, засега не го коментирал масовниот напад врз главниот град.

Во меѓувреме, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха се огласи на социјалната мрежа Икс.

„Едно од најчестите прашања што Московјаните утрово си го поставуваат е: ‘Што се случува?’“, напиша Сибиха.

„Можам да ви одговорам. Вашата земја започна агресивна војна против нашата. Со години ги убива нашите луѓе. Сега кога знаете што се случува, прашајте го Путин кога планира да го заврши тоа.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ