четврток, 18 јуни 2026

ОАЕ сакаат да ја прекинат зависноста од Ормускиот теснец, имаат амбициозен план

Додека светот го очекува целосното повторно отворање на Ормускиот теснец по потпишувањето на привремениот мировен договор меѓу Иран и САД, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) работат на амбициозен план со кој сакаат да ја прекинат својата зависност од оваа клучна поморска рута, пишува „Блумберг“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Се стремиме да имаме целосна независност од Ормускиот теснец, без разлика дали е отворен или затворен. Тој ќе се отвори и се надеваме дека тоа ќе се случи брзо, но ние нема да го запреме новиот план“, потврди министерот за надворешна трговија на ОАЕ, Тани ал Зајуди.

Затворањето на Ормускиот теснец по почетокот на американско-израелските напади врз Иран на крајот од февруари покажа колку е важна оваа рута за глобалното снабдување со енергенси и друга стока, од ѓубрива и хелиум до алуминиум.

ОАЕ веќе делумно ја искористија можноста за заобиколување на теснецот преку постојниот нафтовод со кој дел од суровата нафта се транспортира до пристаништата на источниот брег. Земјата во последните недели успеала да испраќа дел од нафтените пратки и преку Ормускиот теснец, при што бродовите ги исклучувале своите транспондери за да избегнат откривање.

Во центарот на планот, според Ал Зајуди, е големо проширување на источните пристаништа Диба, Фуџаира и Кор Факан, кои се наоѓаат надвор од теснецот, на брегот на Оманскиот Залив. ОАЕ, како што најави тој, ќе изградат најмалку уште едно ново пристаниште на истиот брег.

Ова ќе биде проследено со значителни инвестиции во нови нафтоводи, како и железничка и патна инфраструктура, со цел да се подобри поврзаноста меѓу источните пристаништа и нафтените и гасните полиња, како и енергетските постројки во земјата.

Покрај забрзаната изградба на втор нафтовод, кој треба да го удвои количеството сурова нафта што може да се извезува преку Фуџаира, ОАЕ разгледува и изградба на трет нафтовод. Во тек се и анализи за дополнителни можности за извоз на петрохемиски производи, течен природен гас и други енергетски производи.

Иако не ги откри трошоците и роковите, Ал Зајуди нагласи дека проектите сè уште се во фаза на планирање и најверојатно ќе бараат инвестиции од повеќе милијарди долари.

„Правецот е веќе утврден. Работиме на физибилити-студии за да продолжиме понатаму. Во вакви тешки времиња секогаш ги препознавате своите слабости и почнувате да ги решавате“, изјави тој.

Пред војната, околу една петтина од светската нафта и течниот природен гас минувале низ Ормускиот теснец, а неговото делумно затворање предизвика сериозни нарушувања во глобалната економија и раст на инфлацијата.

Сепак, намалувањето на зависноста на ОАЕ од теснецот нема да биде едноставно.

Нафтоводите би можеле да овозможат поголемиот дел од суровата и преработената нафта да се пренасочи кон источните пристаништа, но многу потешко ќе биде пренасочувањето на друга стока, како течниот природен гас и алуминиумот.

Дополнително, ОАЕ во голема мера зависат од заливските пристаништа, особено од Џебел Али, најголемиот контејнерски центар надвор од Азија, за увоз на стоки.

Транспортот со камиони од источните пристаништа до големите градови како Дубаи и Абу Даби ќе биде значително поскап.

Ал Зајуди најави дека овие трошоци ќе се намалат преку значително проширување на железничката мрежа и дека Џебел Али и пристаништето Калифа во Абу Даби ќе останат клучни дистрибутивни центри.

ОАЕ моментално управува со терминал за течен природен гас (ЛНГ) во Персискиот Залив, кој арапските земји го нарекуваат Арапски Залив. Во истата област е во изградба уште еден проект, кој ќе го зголеми извозниот капацитет за повеќе од двојно.

Американско-израелските напади врз Иран, кои го поттикнаа Техеран да изврши одмазднички напади врз други држави од Заливот, претставуваа дотогаш невиден шок за земја чија економија се темели на слободната трговија и поморскиот сообраќај и која долго време се сметаше за безбедно засолниште од војните на Блискиот Исток.

Иран кон ОАЕ истрелал речиси 3.000 дронови и балистички ракети, повеќе отколку кон која било друга земја. Иако поголемиот дел биле пресретнати, некои погодиле важни енергетски и пристанишни објекти, вклучително и Фуџаира на источниот брег.

ОАЕ делумно го надоместиле затворањето на Ормускиот теснец со зголемување на увозот преку Кор Факан и извозот на нафта преку Фуџаира.

Постојниот нафтовод со капацитет од 1,5 милиони барели дневно, кој ги поврзува нафтените полиња со тоа пристаниште, се покажал како клучен.

Ал Зејуди нагласи дека воздушниот транспорт игра важна улога во снабдувањето, иако со значително повисока цена од морскиот транспорт. Исто така, постои зголемена практика на испорака и царинење на стоки во пристаништата во земји како што се Египет и Индија.

Нагласувајќи ја важноста на Ормускиот теснец за економијата на земјата, ОАЕ повеќепати порачаа дека Иран мора повторно да го отвори теснецот и да овозможи слободна пловидба.

Заедно со САД, европските земји и другите држави од Заливот, ОАЕ се спротивставуваат на иранските тврдења дека по војната би можел да наплатува такса за поминување низ Ормускиот теснец.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ