Од партијата наведуваат дека граѓани алармираат за масовна нелегална сеча на шума во повеќе предели низ Македонија, додека директорите на ЈП „Македонски шуми“, Здравко Трајанов и Кире Михаилов, молчат и шират партиска агитација на социјалните мрежи.
Левица бара директорот на „Македонски шуми“ да одговори дали за сечата на Лопушник постои одобрение и врз основа на која шумско-стопанска основа е извршена. Оттаму посочуваат дека, бидејќи станува збор за немаркирана сеча, постојат сериозни сомнежи дека се работи за уште еден екоцид зад кој стои, како што наведуваат, шумската мафија во Македонија.
Од партијата потсетуваат дека ова не е изолиран случај и дека вакви сечи, според нив, се случуваат во шумите низ целата држава. Според Левица, криминалната сеча е одраз на неодговорното работење на актуелното раководство на претпријатието, поставено по партиска логика на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се наведува и дека заменик-генералниот директор Кире Михаилов, наместо да се занимава со одговорно стопанисување со државните шуми, своето време го трошел на ширење шовинизам, валидирање говор на омраза и закани за сексуално насилство кон советничката од Левица во Советот на Град Скопје, Евгенија Станкоска.
Левица бара оставка од генералниот директор Здравко Трајанов поради, како што наведуваат, неодговорно управување со претпријатието и покривање на еколошки криминал врз планината Лопушник, како и разрешување на Кире Михаилов од функцијата заменик-генерален директор. Партијата бара и итно вклучување на Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина и Шумската полиција, со теренска проверка и јавно објавување на наодите.






