Настанот, како што информираат од ОМД, бил отворен со воведно обраќање на проф. д-р Димитар Трајанов, кој говорел за важноста на следната деценија за дигиталната трансформација на Македонија и потребата од стратешки инвестиции во знаење, технологии и човечки капитал. На настанот учествувале и истакнати претставници од академската заедница, институциите, бизнис-секторот и граѓанското општество, меѓу кои и д-р Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Гордана Клинчарова од Министерството за дигитална трансформација, Александар Стамболиев од Акцелератор УКИМ, Моника Ризовска-Таневска од „Вимен ин тек Македонија“, Димитар Каљошевски од „Светска универзитетска служба – Германски комитет“, како и млади претприемачи и креатори кои успешно ја претставуваат новата генерација македонски таленти.
На тема „Може ли Македонија да се натпреварува во економијата на вештачката интелигенција?“, учесниците разговараа за влијанието на вештачката интелигенција врз економијата, образованието и пазарот на трудот, како и за можностите Македонија да се позиционира како конкурентен играч во новата дигитална економија. Дел од дискусијата беше посветен на создавање можности за задржување на младите во Македонија и развој на локалните технолошки капацитети. Беше нагласена потребата од посилно поврзување на младите со претприемачкиот екосистем, подобра поддршка за талентите и поактивно вклучување на дијаспората како партнер во развојот на знаењето, менторството и пристапот до глобалните пазари.
Особено внимание, се вели во соопштението, привлекла дискусијата на тема „Бранот на таленти: Каде се движи следната генерација на Македонија?“, на која успешни млади професионалци, претприемачи и креатори на содржини разговараа за улогата на вмрежувањето, претприемништвото, личниот развој и вештачката интелигенција во градењето на идните кариери. Дискусијата испрати силна порака дека младите во Македонија располагаат со знаење, амбиција и потенцијал да создаваат глобално конкурентни проекти, доколку добијат соодветна поддршка и можности за развој.
Преку отворен дијалог и размена на искуства, „Брејнс бионд бордерс“ ја потврди важноста на соработката меѓу младите, институциите, приватниот сектор и дијаспората во создавањето поиновативна, дигитално подготвена и конкурентна Македонија.
Настанот, како што информираат од ОМД, е дел од заложбите на Обединета македонска дијаспора и „Џен Ем“ за зајакнување на младинското лидерство, поттикнување на иновациите и создавање мостови меѓу Македонија и македонската дијаспора ширум светот.






