Според пишувањата на германските медиуми, Фон дер Лаен во писмо до европските лидери, во пресрет на самитот на Европската Унија, навела дека Европската комисија ќе предложи продолжување на режимот на привремена заштита за луѓето кои бегаат од војната во Украина, но и ограничувања за одредени категории украински државјани.
Деталите од предлогот сè уште не се официјално објавени, но како најверојатна мерка се споменува отежнување на влезот за мажи на воена возраст.
За вакво решение веќе се разговарало на почетокот на јуни на состанок на министрите за внатрешни работи на Европската Унија. Германија и уште неколку земји-членки ја поддржале идејата на украинските мажи на возраст од 23 до 60 години да им се ограничи пристапот до поедноставениот режим на заштита во Унијата.
Според досегашните најави, евентуалните измени би се однесувале првенствено на новите пристигнувања, а не на Украинците кои веќе имаат статус на привремена заштита во ЕУ.
Привремената заштита за бегалците од Украина била активирана во март 2022 година, по почетокот на војната, и овозможува престој, пристап до пазарот на труд, здравствена заштита, социјална помош и школување на децата без поединечна постапка за азил.
Според податоците на институциите на Европската Унија, овој режим во моментов важи до март 2027 година.
Во Брисел сега се разгледува како да се продолжи статусот на украинските бегалци, но и како истовремено да се одговори на барањата на одделни земји-членки кои сметаат дека воено способните мажи треба да останат во Украина.
Европската комисија, според процедурата, ќе треба да изнесе формален предлог, кој потоа треба да биде одобрен од земјите-членки.






