четврток, 18 јуни 2026

Древниот даб од легендата за Робин Худ се исуши по 1.200 години

Дрвото Голем Даб (англ. Major Oak) старо 1.200 години во Шервудската шума во Нотингем, не пушти лисја оваа пролет и се смета дека е мртво, соопшти Кралското друштво за заштита на птиците во четвртокот.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за едно од најпознатите дрвја во Англија, кое според преданието се поврзува со Робин Худ, легендарниот разбојник од 13 век.

Според Кралското друштво за заштита на птиците, посетителите кои доаѓале да ја видат неговата разгранета крошна и извиткани гранки во текот на изминатите двесте години ја набивале почвата околу дрвото, што оневозможувало дождовницата да стигне до корените.

Шервудската шума е под притисок со години, порано кружеле гласини дека Големиот даб е мртов, но беше потврдено дека сè уште е жив. Овој пат тоа повеќе не е случај. Холи Дрејк соопшти: „Тоа што дрвото годинава не пушти листови ги крши срцата на сите.“

Експертите за дрвја навеле дека кореновиот систем бил задушен и изгладнет. Точната причина не може да се утврди со сигурност, но меѓу факторите се споменуваат трагите од милиони посетители, претходните интервенции со кои огромните гранки биле поддржувани со кабли и столбови, како и климатските промени кои донеле топлински бранови и суша.

Ед Пајн од „Вудленд Траст“ рече дека „древните дрвја како што е Големиот даб се ‘белите носорози’ на зачувувањето на природата во Велика Британија“, но нивното опаѓање е многу помалку видливо“.

Тој додаде дека нивното зачувување е клучно за здравјето на светот во кој живееме, иако повеќето исчезнуваат тивко, без вниманието што го доби овој даб.

Дрвото го добило своето име откако мајорот Хејман Рук го споменал во книга за дабови во 1790 година, што го предизвикало првиот бран посетители. Иако е зачувано од сеча и заштитено со ограда од 1970-тите, Големиот даб ќе остане како природен споменик дури и по неговата смрт, додека продолжува да придонесува за шумскиот екосистем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ