„Вчера беше поставено прашањето: дали ова важи веднаш или не? Важи веднаш“, им изјави Руте на новинарите пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
„Сепак, малку неволно го кажувам тоа бидејќи станува збор за алатка за планирање. Што би се случило во реалноста? Доколку избие војна, сите сојузници, вклучително и САД, максимално ќе направат сè што можат за да обезбедат да можеме да се бориме во војната“, нагласи тој.
„Намалувањето на американскиот придонес во воените сили на НАТО во случај на криза нема да ја намали способноста на Алијансата, бидејќи европските сојузници и Канада ќе го зголемат својот придонес“, изјави Руте ден претходно.
НАТО располага со одредени сили, познати како НАТО Форс модел, кои можат да бидат активирани во случај на поголема криза, како што е напад врз една од земјите-членки. Точниот состав на тие сили е строго чувана тајна.
„Веројатно ги слушнавте вестите дека САД ги приспособуваат своите придонеси во НАТО Форс моделот. Во некои случаи тоа беше претставено како проблем и како оддалечување на САД од сојузниците. Но тоа не е точно. САД јасно ставија до знаење дека остануваат посветени на НАТО“, рече Руте на вчерашната прес-конференција пред состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО.
Руте посочи дека сојузниците сфатиле оти Соединетите Американски Држави имаат обврски низ целиот свет и дека е клучно Европа и Канада да направат повеќе кога станува збор за конвенционалните сили, додека Вашингтон јасно порача дека американското нуклеарно одвраќање останува цврсто.
Денешниот состанок во Брисел е последен министерски состанок пред самитот на Алијансата, кој ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ќе се приклучи на состанокот на Контакт-групата за одбрана на Украина, сојуз што обезбедува воена помош за Киев, во седиштето на НАТО во Брисел.
Белгискиот министер за одбрана во пресрет на денешниот состанок најави дека ќе се водат сериозни разговори за тоа како да се пополнат празнините што САД ги оставија во кризните сили на НАТО.






