Владимир Кецмановиќ е осуден на 14 години и шест месеци затвор за кривичните дела занемарување и злоставување на малолетно лице, како и за тешко кривично дело против општата безбедност.
Неговата сопруга, Милјана Кецмановиќ, е осудена на две години и 11 месеци затвор за кривичното дело занемарување и злоставување на малолетно лице.
Станува збор за втора првостепена пресуда, на која обвинителството и одбраната имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Белград.
Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, во завршниот збор предложи судот да им изрече максимални затворски казни на Кецмановиќ. За Владимир Кецмановиќ побарал единствена затворска казна од 14 години и 11 месеци, а за Милјана Кецмановиќ три години затвор.
Од друга страна, одбраната побарала ослободителни пресуди, тврдејќи дека наводите од обвинението не се докажани.
Судењето било повторено откако Апелацискиот суд во Белград ја укинал првостепената пресуда со која Кецмановиќ претходно биле осудени на повеќегодишни затворски казни и наложил повторно судење.
Во злосторството, кое не се памети во поновата историја на Србија, тогаш 13-годишното момче со пиштол на својот татко, за време на првиот училиштен час, уби осум девојчиња, едно момче и училишен чувар, а рани уште пет ученици и наставничка по историја.
Во моментот на злосторството имал помалку од 14 години и според законот не можел кривично да одговара. По приведувањето бил сместен во специјализирана психијатриска установа, каде што и понатаму се наоѓа под надзор.
Главниот обвинител Ненад Стефановиќ во завршниот збор истакна дека токму поради вакви случаи законот предвидува посебна одговорност на родителите, кои имаат не само законска, туку и морална обврска да го воспитуваат и насочуваат своето дете.






