Пред пратениците и експертската јавност, АСОМ ќе ги презентира главните аргументи кои јасно разоткриваат дека зад параванот на лажна грижа за граѓаните, државата всушност спроведува класична монополизација на пазарот, воведува скандалозна финансиска нееднаквост и свесно го турка легалниот приватен сектор во сигурен банкрот.
Еден од главните аргументи кој ќе биде изложен се однесува на апсурдната забрана за приредување на игрите на среќа преку интернет. Според светските и европските стандарди, интернет игрите не се посебна категорија, туку само медиум преку кој се одвиваат веќе постоечките игри на среќа. Но, новиот закон предвидува државата да добие ексклузивно право самостојно да организира интернет игри на среќа, преку друштво во кое е единствен акционер. Со ова, на останатите лиценцирани приредувачи кои веќе платиле скапи лиценци, им се забранува пристапот до глобалната интернет-мрежа. Освен Северна Кореја, не постои друга држава во светот која на легални компании им го забранува користењето на интернетот како медиум за легално работење. АСОМ ќе посочи дека овој потег има единствена цел да го монополизира пазарот и да го озакони досегашното незаконско работење на државната платформа „Мега Вин“, преку елиминирање на секоја конкуренција.
Дополнително, пред Комисијата ќе бидат презентирани и аргументите дека субјектите што приредуваат игри на среќа свесно се доведуваат во финансиска нееднаквост, со што државата ја озаконува нелојалната конкуренција. Со ова Предлог-законот целосно го крши Уставот и е спротивен на уставното право за еднаква положба на сите учесници на пазарот. Имено, Предлог-законот предвидува државната лотарија за интернет игрите на среќа да плаќа посебна давачка од само 15 отсто, а останатите приредувачи за истите игри ќе плаќаат 23 отсто. Истовремено, за приватниот сектор се воведуваат и нови огромни фиксни давачки. Ова претставува очигледен доказ дека државата си одредува повластени услови за себе, додека приватниот сектор го оптоварува со давачки кои се неиздржливи.
Кога на забраната за онлајн работење и воведувањето драстично повисоки давачки ќе се додаде и мерката за оддалеченост од 500 метри, станува јасно дека целта на законодавецот не е просторната регулација и заштитата на учениците, туку чистење на пазарот. Легалните приредувачи ќе мора да затворат над 90 отсто од своите објекти, а оние кои ќе останат едноставно нема да можат да ѝ конкурираат на државната лотарија која ќе има монопол на интернет, помали давачки и нема да има трошоци за кирии за физички објекти.
„Пред пратениците јасно ќе ја изнесеме суровата вистина дека Владата свесно жртвува 10.000 директни работни места и егзистенцијата на илјадници семејства, ги затвора легалните објекти за да го преземе профитот преку државен монопол, оставајќи го притоа просторот ширум отворен за развој на нелегална црна економија на терен. Црниот пазар работи само за профит, таму нема контрола на идентитетот и никој не ги штити малолетниците. Дополнително, 350 милиони евра кои годишно легално се слеваат во државниот буџет ќе бидат префрлени директно на црниот пазар“, велат од АСОМ.
Врз основа на овие непобитни аргументи, на претстојната јавна расправа АСОМ категорично ќе бара итно повлекување на овој скандалозен Предлог-закон. Асоцијацијата останува доследна во борбата за спас на 10.000 работни места и зачувување на легалната индустрија сѐ до донесување вистински, одржлив и европски закон.






