На состанокот на министрите за одбрана на НАТО, Хегсет повика на „ресетирање“ на организацијата која обединува 32 земји-членки, со цел да се претвори во „НАТО 3.0“, способно да одврати каква било закана.
„НАТО 3.0 е постстуденовоено признание дека НАТО мора повторно да стане вистинска, цврста воена алијанса со реални воени способности кои можат да одвраќаат закани на европскиот континент и да преземат водечка улога во конвенционалната одбрана на Европа“, изјави Хегсет.
Во рамки на тие напори, додаде тој, САД планираат следната година да вложат 1,5 билиони долари во сопствената одбрана, испраќајќи „порака до светот“ дека Америка гради „арсенал на слободата“.
Хегсет истакна дека овој арсенал „пред сè ја штити Америка и американските интереси, но истовремено ја поддржува и силата на НАТО и неговите сојузници“.
Тој најави дека на сојузниците ќе им порача дека „мора да бидат подготвени решително да ја преземат одговорноста“ за одбраната на Европа.
Во меѓувреме, врховниот командант на сојузничките сили на НАТО, кој е Американец, работи на резервни планови за одбраната на Европа, откако САД на 3 јуни сигнализираа дека во случај на криза повеќе нема автоматски да обезбедуваат носач на авиони и придружни бродови, авиони за дополнување гориво во воздух, како и десетици борбени авиони и друга воена опрема.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека мора да биде подготвена за два истовремени конфликти и сака да располага со повеќе воени ресурси во случај на евентуален судир со Кина во Индо-Пацифичкиот регион.
Според членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој се однесува на колективната одбрана, напад врз една членка на НАТО се смета за напад врз сите членки.
Сепак, овој член не ги обврзува земјите на конкретна воена помош, иако многу од нив веројатно тоа би го направиле.
Во пракса, САД го намалуваат обемот на помошта што би можеле да ја обезбедат доколку биде активиран членот 5. САД располагаат со убедливо најголемите вооружени сили во НАТО. Во исто време, не планира да го повлече своето нуклеарно оружје од Европа, кое и натаму останува клучен дел од системот за одвраќање на НАТО.






