четврток, 18 јуни 2026

Институциите се обединуваат за наоѓање решенија за прекинување на насилството

Во периодот од 1 јануари до 28 мај годинава регистрирани се 768 кривични дела од семејно насилство, што претставува зголемување од 67 проценти во однос на истиот период лани кога биле евидентирани 460 случаи, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на презентацијата на националниот проект „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“.

Објавено на

часот

Сподели

Тошковски посочи дека повеќето од кривичните дела се однесуваат на телесна повреда при семејно насилство – 483, како и загрозување на сигурноста – 257, при што во овој период се регистрирани и четири убиства, едно убиство во обид и седум тешки телесни повреди.

„Во многу од овие случаи стои дете, кое е сведок на насилство во својот сопствен дом“, нагласи Тошковски додавајќи дека ваквата изложеност е еден од најсилните ризик-фактори за подоцнежна агресија.

Министерот информира дека МВР реагира засилено, при што поднело 601 кривична пријава или речиси 30 проценти повеќе од лани, а мерки за кривичен прогон се преземени против 609 лица.

Само во првите две недели од јуни, како што посочи, регистрирани се уште 89 нови кривични дела за семејно насилство, со 62 поднесени пријави, од кои шест по брза постапка со определени мерки притвор, како и мерки за отстранување од дом и забрани за приближување.

Паралелно, Тошковски укажа и на пораст на врсничкото насилство, со 93 регистрирани инциденти годинава наспроти 81 минатата година, евидентирани во 64 училишта.

„Поднесени се 46 кривични пријави и три известувања до Основното јавно обвинителство за вкупно 52 кривични дела против 92 сторители“, информира Тошковски додавајќи дека пријавите се зголемени за 18 проценти, бројот на сторители за 16,5 отсто, а кривичните дела за 10,6 проценти.

Како особено загрижувачки ги оцени податоците дека насилството врз дете е повеќе од двојно зголемено, од седум на 15 случаи, како и дека кривичното дело силување дете под 15 години е регистрирано шест пати во споредба со еден случај лани.

Тошковски нагласи дека иако кривично-правната реакција е неопходна, таа не е доволна, потенцирајќи дека клучна е навремената размена на информации меѓу полицијата, училиштата и центрите за социјална работа.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, националниот проект „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“ има цел во рок од една година да прерасне во трајно системско решение за навремено препознавање и спречување на насилството.

Таа нагласи дека врсничкото насилство останува сериозен предизвик, но дека институциите имаат обврска да одговорат со координиран и системски пристап.

„Врсничкото насилство е предизвик што постои и веројатно ќе продолжи да постои, но наша обврска е да го сведеме на најниско можно ниво“, нагласи Јаневска.

Министерката информира дека во реализацијата на проектот ќе бидат вклучени повеќе институции, меѓу кои Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, училиштата, центрите за социјална работа и граѓанскиот сектор. Како клучна мерка таа го издвои воспоставувањето механизам за рано препознавање на ризикот од насилство преку поврзување на образовниот систем со другите институции и семејствата.

Во рамкитена активностите ќе се реализираат обуки за училишните психолози, педагози и социјални работници за навремено препознавање деца жртви на насилство, а во најава е и подготовка на унифициран протокол за постапување при сомнеж за насилство, како и можни законски измени доколку се утврди потреба од нив, со цел дополнително зајакнување на системот.

Таа додаде дека теренските активности почнуваат веќе од следната недела и изрази очекување дека до почетокот на новата учебна година институциите ќе бидат значително подобро подготвени за справување со насилството меѓу децата и во семејствата.

Според министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, насилството кај младите бара заеднички, координиран и одлучен одговор од сите институции и чинители. Тој посочи дека проектот е продолжение на заедничките заложби за справување со насилството и потенцира дека проблемот е комплексен и често произлегува од семејни односи, недостиг на поддршка и влијанија од околината.

Министерот нагласи дека преку новата национална работна група ќе се обединат институциите, образовниот и безбедносниот сектор, граѓанското општество и младите, со цел создавање системски и одржливи решенија.

Семејното насилство е еден од најсилните ризик-фактори за развој на агресивно и проблематично однесување кај децата, оцени претседателката на Комората на психолозите, Елеонора Серафимовска.

Таа посочи дека последиците од насилството во домот директно се пренесуваат во училиштата влијаејќи врз однесувањето, емоционалната стабилност и способноста на децата да учат и да воспоставуваат односи.

„Децата што растат во средина во која конфликтите се решаваат со страв или сила може да го прифатат насилството како модел на однесување“, истакна таа.

Според неа, агресивното однесување кај децата често е резултат на траума и научени модели од семејната средина, но може да се манифестира и преку повлекување, анксиозност и пад на училишниот успех.

Психолозите нагласуваат дека клучно е навреме да се препознае што стои зад однесувањето на детето и да се обезбеди рана интервенција, со што може да се спречи таканаречениот трансгенерациски пренос на насилство и да се прекине циклусот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ