четврток, 18 јуни 2026

Израел: Ги прекинуваме контактите со Каја Калас

Израел најави дека ќе ги прекине контактите со шефицата на дипломатијата на Европската Унија, Каја Калас, поради наводите дека го споредила односот на Израел кон Палестинците со апартхејдот во Јужна Африка. Калас денес одговори дека останува посветена на односите со Израел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Немам друг избор освен да ги прекинам сите контакти со Калас додека не ја повлече оваа крвна клевета упатена кон единствената еврејска држава во светот, која воедно е и единствената демократија на Блискиот Исток“, порача денес израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар на социјалната мрежа Икс.

Дигиталниот медиум Еурактив минатата недела објави дека Калас ги дала овие изјави во мај за време на посетата на Мексико.

Калас, која е висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, денес му одговори на својот израелски колега дека Европската Унија останува посветена на конструктивните односи со Израел.

„Го ценам нашиот дијалог и ангажман и подготвена сум во тој дух и да продолжиме, со почит и конструктивно“, напиша Калас на Икс во објава упатена до Саар, пренесува Ројтерс.

„За да се постигне мир на Блискиот Исток, решението со две држави останува единствениот одржлив пат. ЕУ ги осудува нелегалните израелски населби на Западниот Брег, кои сè повеќе го отежнуваат постигнувањето на оваа цел. Тоа е ставот на Европската Унија“, напиша таа.

Агенцијата Франс прес пренесува дека Саар веднаш ѝ возвратил на Калас, порачувајќи дека неговата одлука „останува непроменета“ сè додека дипломатката не разјасни дали навистина го употребила зборот „апартхејд“.

„Ситуацијата е едноставна: ако навистина сте ги дале овие озлогласени и клеветнички изјави, признајте. Ако не сте ги дале, негирајте ги. Додека не се открие вистината, мојата одлука останува непроменета“, додаде шефот на израелската дипломатија.

Израел во моментов контролира околу 64 отсто од Појасот Газа, кој беше речиси целосно разурнат во текот на двегодишната израелска офанзива по нападот на Хамас врз јужен Израел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на крајот на мај ѝ нареди на израелската војска да ја прошири контролата и над 70 отсто од оваа тесна палестинска крајбрежна територија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ