петок, 19 јуни 2026

Електронски нос открива расипана храна и опасни алергени: 16 гасни сензори за вештачка муцка (ВИДЕО)

Мирисањето на храната и пијалаците е најчестиот метод за проверка дали нешто се расипало или сè уште е безбедно за употреба. Сепак, човечкиот нос не може секогаш да ги забележи и препознае сите мириси. Затоа инженерите направиле „електронски нос“ кој детектира мириси на расипана храна, но и алергени, соопшти Универзитетот Беркли во Калифорнија.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Електронскиот нос“ е опишан во студија објавена во списанието „Сајанс адвансис“.

„Мислам дека паметните фрижидери, опремени со сензори што можете да ги контролирате преку телефон, би биле одлична примена за овој вид технологија. Колку би било одлично ако вашиот фрижидер може да ви каже: „Еј, твојата брокула наскоро ќе се расипе, па веројатно треба да ја изедеш“? Или: „На твоето пилешко денес му е последниот ден“, изјави Карла Бејзил, докторанд по електротехника и компјутерски науки на Беркли и водечка авторка на студијата.

Новата вештачка „муцка“ се состои од низа од 16 мали сензори за гас, секој чувствителен на малку поинаква комбинација на гасни соединенија.

„За ова може да размислувате како за сет дигитални рецептори за вкус, каде што секој сензор на овој чип реагира на единствен начин на различни молекули на гас со кои доаѓа во контакт. Секој од овие 16 сензори има различен сензорски слој и функционира така што ги претвора хемиските реакции меѓу површината на сензорот и молекулите на гас во електрични сигнали“, рече Бејзил на натпреварот Ју-Си Град Слем, говорејќи за своето истражување.

Со користење машинско учење, Бејзил обучила модел да ги препознава профилите на одговор на сензорите поврзани со седум различни намирници: јагода, боровинка, банана, орев, лешник, индиски орев и кикиритки. Исто така, го обучила да го препознава мирисот на свежо пилешко месо, млеко и јајца кога се свежи, како и откако биле оставени на собна температура 24 и 48 часа.

Носот е доволно чувствителен за да намириса 0,05 грама изолиран орев, што е околу една стотинка од просечен излупен орев. Сепак, тие сè уште не ја тестирале чувствителноста на уредот во средини каде што се присутни и други гасови, како на пример кога оревите се во салата или торта, или кога расипана храна е во фрижидер со друга храна.

Иако концептот за електронски нос постои уште од 1980-тите, воведувањето на оваа технологија восекојдневниот живот е комплицирано. Поединечните сензори за гас, како оние во домашните детектори за јаглерод моноксид, се релативно лесни за производство. Но, интегрирањето на низа различни сензорски филмови на еден чип е многу потешка задача.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ