петок, 19 јуни 2026

По една година во притвор, Васев излегува на слобода со дадена гаранција од над половина милион евра

Поранешните директори на Клиниката за онкологија Нино Васев и Нехат Нухи, за да се бранат од слобода и да им биде укината мерката притвор, и двајцата понудиле хипотека на недвижен имот чија заедничка вредност надминува 500 илјади евра. Васев помина една година во притвор.

Објавено на

часот

Сподели

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на одбраната Никола Васев и Нехат Нухи за укинување на мерката притвор со определување гаранција, го уважи предлогот, а позитивно мислење дало и Јавното обвинителство.

На обвинетиот Нино Васев му е определена гаранција во износ од 183.981 евра во корист на Македонија која се состои од ставање под хипотека на недвижен имот, додека на обвинетиот Нехат Нухи му е определена гаранција во износ од 348.049 евра, исто така со ставање под хипотека на недвижен имот. На обвинетите им се определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето во Скопје, обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот и привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.

При одлучувањето, покрај позитивното мислење на Јавното обвинителство, Советот го имал предвид и фактот дека мерката притвор, определена со решение на Апелациониот суд Скопје, согласно законските одредби, може да биде продолжувана и да трае најдоцна до 18 јули 2026 година.

Со оглед дека надлежното обвинителство се откажа од правото на жалба против овие решенија, а хипотеката понудена како гаранција е веќе впишана во Катастарот на недвижности, истите станаа правосилни, по што обвинетите се ослободени од притвор, информираше Кривичниот суд Скопје.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ