Извори од германската влада го опишаа потегот како „навреда“, нарекувајќи го неконзистентен и непрофесионален, додека некои лидери предупредија дека сè уште не е време за разговори со Москва. Други, пак, ја поздравија иницијативата.
„Не видовме вистинска подготвеност кај Путин за сериозни преговори и оттука почнува сè“, изјави холандскиот премиер Роб Јетен.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека Мадрид е подготвен да ги поддржи сите иницијативи кои можат да доведат до мир и крај на војната во Украина, додека австрискиот канцелар Кристијан Штокер ја истакна важноста на дијалогот.
„Секогаш сум за дијалог и отворање на канали за комуникација, бидејќи секој мир започнува со разговор“, рече Стокер.
Официјален претставник на ЕУ потврди дека во последните недели имало контакти на дипломатско ниво за воспоставување комуникација со Москва, но дека вистински преговори не се водени.
„Се работи за вообичаено воспоставување дипломатски контакти, без значајни разговори и без преговори“, рече функционерот, додавајќи дека целта е да се обезбеди подготвеност на ЕУ за моментот кога ќе се создадат услови за преговори.
Односите меѓу Брисел и Москва беа длабоко нарушени по руската анексија на делови од Украина во 2014 година, а од почетокот на целосната инвазија во 2022 година практично беа замрзнати.
Во заедничката изјава, лидерите на ЕУ истакнаа дека ги поддржуваат дипломатските иницијативи за ставање крај на војната и дека Унијата останува подготвена дополнително да го зајакне својот ангажман.
Тие, исто така, ја повикаа Русија да покаже „вистинска подготвеност за мир“, да се согласи на безусловен и итен прекин на огнот и да влезе во сериозни преговори за праведен и траен мир.
Зеленски за време на самитот ги информираше лидерите за ситуацијата на бојното поле, а во Брисел се појави за прв пат откако поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, кој претходно блокираше голем број одлуки за Украина, ја напушти функцијата.
ЕУ ја засили поддршката за Киев во последниве месеци, вклучително и отворање на пристапни преговори и одобрување заем од 90 милијарди евра, додека лидерите на ЕУ едногласно ги продолжија санкциите против Русија за 12 месеци.
На крајот на самитот се разговараше за економската конкурентност на Унијата и односите со Кина, а во петок на дневен ред се преговорите за повеќегодишниот буџет на ЕУ за периодот 2028-2034 година, кој може да изнесува меѓу 1.000 и 2.000 милијарди евра.






