Сибиха на Фејсбук порача дека одлуката на полскиот претседател е стратешка грешка која ѝ користи исклучиво на Москва.
„Жалиме што во Варшава преовладаа емоциите и ги поттикнаа полските политичари на неоправдани, импулсивни и потези на непочитување насочени не само против претседателот Зеленски, туку пред сè против украинската држава“, напиша Сибиха.
„Во контекст на ваквите непромислени постапки не гледам можност и понатаму да го задржам високото државно одликување на Република Полска што ми беше доделено во октомври 2022 година – Командантскиот крст со ѕвезда на Орденот за заслуги на Република Полска. Наскоро ќе ѝ го вратам на Полска“, најави тој.
Додаде дека не станува збор за одликувањата, туку за меѓусебниот однос, нагласувајќи дека Украина секогаш се залагала за пристап заснован на заемна почит, дури и кога станува збор за тешки и чувствителни прашања.
„Тоа значи почитување на меѓусебните одлуки дури и кога не се согласуваме со нив. Како што се вели, можеме да се согласиме дека не се согласуваме. Никогаш не сме го посакувале овој конфликт“, истакна Сибиха.
„Напротив, година и пол активно работевме на решавање на несогласувањата, деполитизација на историските прашања, деблокирање на стручната и академската соработка, овозможување потрага по посмртни останки, ексхумации и повторни погребувања по барање на Полска, како и обновување на работата на Конгресот на историчарите. На тој пат постигнавме многу. Во моментов се спроведуваат истражни активности во Хута Пјенацка, токму на барање на полската страна“, додаде тој.
Според него, актуелната ескалација, имајќи предвид сè што е направено досега, е контрапродуктивна и непотребна и за Украинците и за Полјаците.
„Жал ни е што полската страна, наместо да бара решение, одлучи да ја ескалира ситуацијата до неприфатливо и несразмерно ниво. Ниту еден претседател на друга држава нема да ни ја диктира нашата историја“, порача Сибиха.
Тој изрази надеж дека ќе надвладее разумот и дека полските пријатели ќе се вратат на рамноправен дијалог кој одговара на сојузничките односи меѓу двете земји, кои се соочуваат со заеднички непријател во Москва.
Полскиот претседател Карол Навроцки одлучи да му го одземе на Зеленски Орденот на Белиот орел поради одлуката една украинска воена единица да добие почесен назив по хероите на Украинската востаничка армија (УПА).
Дел од Украинците ги сметаат припадниците на УПА за херои на отпорот против Советскиот Сојуз и нацистичка Германија, како и симбол на украинската борба против Москва.
Но, УПА била вмешана и во Волинските масакри, серија масовни убиства извршени од 1943 до 1945 година, во кои, според полски извори, украински националисти убиле околу 100.000 Полјаци. Илјадници Украинци, пак, биле убиени во одмазднички напади.






