Редовното истражување на јавното мислење од страна на јавниот сервис на ЗДФ „Политички барометар“ покажува дека АфД ужива предност од четири процентни поени во однос на владејачката Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ.
На прашањето: „За кого би гласале доколку парламентарните избори се одржат следната недела“, 28 проценти од анкетираните ја избрале АфД, а 24 проценти ја избрале Унијата ЦДУ/ЦСУ, што ја зголемило разликата во споредба со последната анкета за два процентни поени.
На третото место со 13 проценти е помалиот партнер на Фридрих Мерц во владата, Социјалдемократската партија на Германија (СПД). По неа со 12 и 11 проценти следат партиите Зелени и Левица.
АфД постигнува уште подобри резултати во анкетите на јавното мислење од други институти. Во анкета на институтите Инса и Југов, АфД е поддржана од 29 проценти од анкетираните, додека Унијата е на второ место со 22, односно 20 проценти.
Владините партии губат популарност и покрај тоа што направија значителни чекори во намалувањето на нерегуларната миграција откако дојдоа на власт, а ограничувањата за имиграција се еден од главните адути на опозициската АфД.
Во септември се одржуваат избори за покраински парламенти во неколку федерални покраини на истокот од земјата, каде што се очекува победа на АфД, а во Саксонија-Анхалт сметаат на апсолутно мнозинство и назначување на првиот покраински премиер од редовите на АфД.
Во исто време, анкетата „Политички барометар“ покажува неподготвеност на граѓаните за прифаќање на товарот што доаѓа со планираните реформи на социјалниот систем на сегашната христијанско-социјалдемократска влада.
Само 25 проценти од анкетираните се подготвени да го поднесат финансискиот товар што би го донеле со себе сеопфатните реформи на пензискиот, здравствениот и социјалниот систем планирани од владата на Фридрих Мерц.
Алтернатива за Германија (АфД) е политичка партија основана во 2013 година, постојано опишувана како крајно десничарска, националистичка и популистичка од западните мејнстрим новински агенции како што се Ројтерс, Асошиејтед прес и Франс прес.
Партијата го изгради своето политичко влијание врз платформа на силно спротивставување на масовната имиграција и евроскептицизмот.
Од почетокот на конфликтот во Украина АфД се профилираше како најгласен противник на испраќањето германско оружје во Киев и наметнувањето економски санкции врз Москва.
Поради ваквите ставови, политичките противници и западните аналитичари редовно ги означуваат како проруска опција која директно ги застапува интересите на Кремљ во германскиот политички простор.
Алис Вајдел, докторка по економија со долгогодишно искуство во финансискиот сектор, е на чело на партијата како копретседателка (заедно со Тино Чрупала) и го предводи пратеничкиот штаб на АфД во федералниот парламент (Бундестаг). Таа се смета за една од најартикулираните, но и најконтроверзните личности на германската политичка сцена.






