Оваа информација заменик-министерот за одбрана Стивен Фајнберг неделава им ја пренел на конгресмените во телефонски разговори, објави Волстрит журнал.
Според весникот, целосното барање за дополнителни средства, кое покрај парите за Пентагон вклучува и цивилни приоритети како помош за земјоделците и санирање на последиците од катастрофи, би можело да се најде пред законодавците во наредните денови.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди овие информации, додека Белата куќа и Пентагон не биле достапни за коментар надвор од работното време.
Според првата официјална проценка, која еден претставник на Пентагон ја изнесе за Ројтерс во април, војната со Иран досега ја чинела Америка околу 25 милијарди долари.
Сепак, вистинската цена на конфликтот, кој претседателот Доналд Трамп заедно со Израел го започна на 28 февруари, и натаму е предмет на дебата во Конгресот.
Првичното барање за дополнително финансирање во висина од 200 милијарди долари наиде на силно противење кај дел од пратениците.
Директорот на Канцеларијата за буџет на Белата куќа, Расел Воут, во април пред Комитетот за буџет на Претставничкиот дом изјавил дека нема проценка за вкупните трошоци од војната. Тој тогаш го бранеше барањето на Трамп за годишен воен буџет од 1,5 билиони долари.
Предложениот буџет ги одразува приоритетите на републиканците во пресрет на изборите во ноември, на кои партијата се обидува да ја задржи контролата над Конгресот.
Истовремено, републиканците се соочуваат со сè поголема загриженост кај гласачите поради растечките трошоци за живот, високите цени на енергијата и финансискиот товар што го носи војната со Иран.






