петок, 19 јуни 2026

Мелони го обвини Трамп дека измислува: Јас никогаш не молам

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денес го обвини својот некогашен близок сојузник Доналд Трамп дека измислил приказна за неа, откако американскиот претседател изјави за италијанска телевизиска станица дека таа го „молела“ да се фотографира со неа на самитот на Г7.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мелони кажа дека била „вџашена“ од неговите коментари, кои биле „целосно измислени“. Таа го прекори и дека се однесува кон непријателите на Западот со многу поголемо почитување отколку кон старите, докажани сојузници, објави Ројтерс.

Коментарите на Трамп толку ја налутија италијанската влада што министерот за надворешни работи Антонио Тајани ја откажа планираната посета на Соединетите Американски Држави следната недела.

Најновата расправија означува нагло влошување на односите, само неколку дена откако на самитот на Г7 се појавија знаци дека двајцата десничарски лидери ги стабилизирале претходно затегнатите односи по овогодишните тензии околу војната во Иран.

На снимките од настанот во Франција се гледаат Мелони и Трамп како разговараат, седејќи еден до друг на мал кауч, но американскиот лидер сугерираше дека само ѝ излегол во пресрет со тоа што разговарал со неа.

„Веројатно е среќна што разговарав со неа. Не морав да разговарам со неа“, го цитираше Трамп телевизијата Ла7 во кратко интервју, откако тој самиот ја праша новинарката за италијанската премиерка.

„Ме молеше да се фотографирам со неа. Толку многу сакаше фотографија со мене. Не би се фотографирал, но ми беше жал за неа“, рече Трамп, според преводот на телевизијата Ла7.

Каналот не го објави оригиналниот аудио запис, туку само синхронизирана верзија.

Мелони одговори: „Изјавите на Доналд Трамп се целосно измислени. Искрено сум вџашена. Не знам зошто претседателот на Соединетите Американски Држави се однесува вака кон своите сојузници: всушност, не му е прв пат“.

„Можам само да кажам дека е разочарувачки што тој не покажува иста решителност кон непријателите на Западот и САД, кон чии лидери, напротив, се однесува со многу поголема попустливост“, кажа таа, додавајќи: „Едно нешто треба да запомни: ниту јас ниту Италија никогаш не молиме.“

Најавувајќи дека ја откажува планираната посета на САД, министерот за надворешни работи Тајани напиша на платформата Икс: „Суровите и навредливи зборови на претседателот Трамп упатени кон премиерката Џорџа Мелони ја навредуваат цела Италија“.

Еден од најблиските политички сојузници на Мелони, кој обично избегнува медиумско внимание, остро го нападна Трамп со тон што порано би бил незамислив.

„Не е јасно дали намерно или од некомпетентност, Трамп ги уништува историските односи меѓу САД и Европа“, порача Џованбатиста Факолари, државен потсекретар во кабинетот на премиерката.

„Со своите несоодветни испади, тој успеа во нешто што не е лесно: да ги направи САД непопуларни низ целиот европски континент, нанесувајќи штета не само на Европа, туку пред сè на САД“, додаде тој.

Мелони некогаш беше гласен поддржувач на Трамп и беше единствениот европски лидер што присуствуваше на неговата инаугурација во 2025 година.

Сепак, оваа година таа го критикуваше за тоа што го нападна папата Лео по неговата осуда на конфликтот во Иран. Ова, пак, предизвика остар одговор од американскиот претседател, кој ја обвини дека нема храброст.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ