„Сега водевме војна, потрошивме милијарди и милијарди долари и ја изложивме нашата војска на огромен товар. Многу луѓе загинаа. И се чини дека се вративме таму каде што бевме пред да ја започнеме војната, освен што можеби сме во нешто полоша ситуација“, изјави Обама во интервју за емисијата Тудеј.
Тој одговараше на прашања за меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран. „Многу ми е драго што има прекин на огнот и се надевам дека ќе се одржи“, рече Обама, притоа доведувајќи ја во прашање оправданоста на војната против Иран.
Поранешниот претседател потсети дека според нуклеарниот договор со Иран, постигнат за време на неговиот мандат, „Иран се согласи да не развива нуклеарно оружје“.
„Оваа администрација, или нејзината претходна верзија, се повлече од тој договор, што потоа доведе до тоа Иран да развие поголеми нуклеарни капацитети“, оцени Обама.
Трамп за време на својот прв мандат во 2018 година ги повлече САД од нуклеарниот договор потпишан во 2015 година.
Со договорот беа предвидени детални чекори што Техеран требаше да ги спроведува во период подолг од 25 години за да се спречи развојот или стекнувањето нуклеарно оружје.
Актуелниот меморандум за разбирање не го решава целосно прашањето за иднината на иранската нуклеарна програма. Трамп го потпиша меморандумот за време на вечера во дворецот Версај во средата навечер. Документот предвидува рок од 60 дена за постигнување траен договор што би довел до конечно завршување на конфликтот.






