Одлуката би можела да предизвика сериозна дипломатска криза меѓу двете соседни земји само неколку дена пред конференцијата за обнова на Украина во полскиот град Гдањск.
„Со оглед на согласноста на претседателот Володимир Зеленски една од единиците на Вооружените сили на Украина да го носи името ‘Херои на УПА’, одлучив да му го одземам Орденот на Белиот орел на претседателот на Украина“, соопшти Навроцки.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха оцени дека полската одлука е погрешна.
„Одлуката за повлекување на Орденот на Белиот орел од претседателот на Украина е стратешка грешка на претседателот на Полска, која оди единствено во корист на Москва“, напиша Сибиха на Фејсбук.
Дел од Украинците ги сметаат припадниците на УПА за херои за отпорот против Советскиот Сојуз и нацистичка Германија, како и за симбол на украинската борба против Москва.
Сепак, УПА е поврзана и со Волинските масакри, серија злосторства извршени меѓу 1943 и 1945 година, во кои според полските власти, украинските националисти убиле околу 100.000 Полјаци, додека во одмаздничките напади биле убиени и илјадници Украинци.






