сабота, 20 јуни 2026

Чонгчинг – почетната точка на стариот и новиот „пат на свилата“

Кинезите се генерално љубезни и гостопримливи спрема странците, но се чини дека и не очекуваат многу од нив (гостите) да го научат кинескиот јазик. Секако, тоа нема да ви го кажат отворено, но обично реагиаат збунето кога некој странец се обидува да ги искаже во комуникација своите стекнати скромни вештини за зборување кинески јазик, односно мандарински јазик ( дијалект).

Објавено на

часот

Сподели

Сепак, за да го направат подостапен и поразбирлив на остатокот од светот, тие, околу 2000 калиграфски знаци во кинескиот јазик да ги „сведат“ на 24-те знаци во латиничното писмо. Но странците, „корисниците“ на латиницата повторно имаат проблем, зашто во своите јазици, фонетски различно ги изговараат гласовите означени во писмото. За волја на вистината, Кинезите ја почитуваат ( или можеби не прават разлика) и кирилицата, па ако во домашниот патен документ, т.е. македонскиот пасош сте се потпишале на кирилица, во сите документи што ви ги издаваат во Кина очекуваат и бараат „потпис верен на оригиналот“, односно да се потпишувате кирилично.

Колку и да им излегуваат пресрет Кинезите на странците, тие, т.е. ние, секогаш ќе се сомневаме дали правилно ги слушаме и изговараме кинеските имиња, како на пример на градот Чoнгчинг. На латиница се пишува – Chongqing, но македонскиот превод варира од Чунгкинг, Чунгќинг, Чонгќинг… Во оваа репортажа ќе се користи варијантата, како што ја изговараат Кинезите – Чонгчинг!

„Егзотичните“ Европјани во Кина

Но и со изговорот во кинеските дијалекти, не можете да бидете сигурни како да транскрибирате. Колешката од Пекинг, од Кинеската глобална телевизиска мрежа (ЦГТН), вели: „Не грижете се како изговарате, ниту ние од Пекинг не ги разбираме кога зборуваат тие од Чонгчинг, во југозападна Кина“.

Чонгчинг има околу 32 милиони жители и е (не)формална почетна точка на „патот на свилата“ за 21 век, односно прва станица на кинескиот економски проект „Појас и пат“, или барем на железничкото поврзување со Европа, каде последната станица би требала да биде Дуисбург во Германија. Но Чонгчинг има поголеми амбиции од тоа да биде „прва станица“ на Кина за Европа, туку прва станица на кинеската економија за целиот свет: од двете Америки (Северна и Јужна), Океанија (Австралија и Нов Зеланд), и секако Африка. Градот е сместен на сливот на реките Јангце и Џјалин, и историски бил важен транспортен и трговски центар.

Пекинг пак е „северната престолнина“ на Кина, која бројот на население го одржува до бројката од 23 милиони жители. Историски, Кина има повеќе престолнини, а и кинеското име на Пекинг – Беиџинг, значи буквално „северна – беи, престолнина – џинг“. Денес, во Пекинг е проектирана глобалната политичка и економска моќ на Кина.

Кинезите се гордеат со економскиот раст на сите свои градови, но можеби одредено „ривалство“ може да се почувствува во таа патемна забелешка за различните дијалекти во Пекинг и Чонгчинг.

Колку што ни е Кина егзотична нам, од Европа, веројатно не сме ни свесни – колку ние Европјаните сме им „егзотични“ на Кинезите. Кинезите дури си имаат и свое име за Европа – Ојчо. Па дури ако се обидете да се претставите дека сте од Европа, да ви се насмевнат љубезно, но збунето, како кога се обидувате да зборувате кинески.

Во контекст на таа европска егзотичност беше „откритието“ на колешката од ЦГТН дека Македонија, земја со речиси 2 милиона жители има свој посебен јазик, писмо и дека медиумите ( конкретно, го гледаше сајтот на Мкд.мк) живо функционираат на тој јазик, кој е кодифициран и официјален во државата. На зачуденоста ѝ „немаше крај“ кога разбра дека во времето на нашата средба во Чонгчинг, во Пекинг се одржуваше филмска ревија „Панорама на македонскиот филм“ .

 

Возот в зграда и резбите на карпата Дазу – атракциите на Чонгчинг

Специфичната географска местоположба, меѓу планини и две реки на Чонгчинг му дава специфична автентичност во забрзаната модернизација на Кина, во која во урбанизмот доминираат т.н. скајлајнери, навечер осветлени како во голем забавен парк; високата технологија во секојдневјето, футуристички сообраќајни решенија. Панорамата на Чонгчинг од некој од ридовите над реката Јангце, па дури и од бродовите што што пловат по реката е восхитувачки спој на природната конфигурација и зградите што се извишуваат покрај брегот, меѓу кои доминира „златната“ зграда на хотелот Шератон. Сепак, веројатно најпознатата атракција од градот на социјалните мрежи е возот што има станица во станбена зграда. И таа зграда, и тој воз навистина постојат, а луѓето ( не само странци), доаѓаат на тротоарот спроти зградата и чекаат со отворени усти да наиде возот, за да направат видеоснимка со илузијата за социјалните мрежи дека го „проголтуваат“ возот. На местото за фотографирање има повеќе „професионалци“, кој за 10 јуани (70-80 денари), ќе ви направат снимка со вашиот телефон со популарната сцена на проголтување на возот. Всушност, такви урбано-технолошки атракции има многу низ Кина.

Но големата атракција на Чонгчинг се резбите на карпата Дазу, кои во 1999 година се прифатени како дел од светското наследство на УНЕСКО. Тоа се серија кинески религиозни скулптури и резби кое се наоѓа во округот Дазу, сместени на околу 165 километри западно од урбаната област на Чонгкинг. Резбите датираат од 7 век и прикажуваат сцени кои се под влијание на будистичките, конфучијанските и таоистичките верувања. Некои се во пештерски светилишта врежани во карпа, во вообичаениот кинески будистички стил, но многу други се карпести релјефи врежани во отворените карпи. Наведени како место на светско наследство во 1999 година, резбите на карпата Дазу се составени од 75 заштитени места кои содржат околу 50.000 статуи, со над 100.000 кинески знаци кои формираат натписи и епиграфи. Најважните делови од карпестата пештера се наоѓаат на планината Баодинг и планината Бејшан.

Резбите се распослани на пет главни планини, но посетителите обично се фокусираат на двете најголеми: Баодингшан и Беишан. Јадрото на локацијата е познато по големото будистичко тантричко доџо кое претставува импресивна Авалокитешвара со илјада раце (целосно реставрирано ремек-дело со златни листови) и масивниот Буда што седи во легната положба – нирвана. Беишан е познат по постарите, помалите и многу извонредните резби. Меѓу најважните места е грациозната Бодисатва Самантабхадра, честопати нарекувана „Источна Венера“.

Посетата на ова ремек дело на светската култура, признато од УНЕСКО, пак започнува со 5-Д искуство, во кино сала направена во планина пред локалитетот, каде со 5-Д промотивен филм се раскажува приказната на ова фасцинатно место. Така, посетителите со предзнаење се подготвени да се сретнат во живо уметничките резби на карпите Дазу.

Фантазии и реалност со висока технологија

Во Кина, се чини дека фантазиите лесно стануваат реалност. Или барем така изгледа во Јонгчуан технолошкото студио, всушност филмско дигитално студио, каде што се снимаат и дигитално обработуваат сцени за филмови, телевизиски серии, видеоигри и телевизиски шоуа… Интересно беше искуството да се гледа снимањето на сцена со актерка во некоја кинеска историска акциска драма, која „виси“ на безбедносни јажиња во студиото, за неколку минути подоцна во дигитално обработената сцена да се види дека ликот на актерката паѓа в бездна.

Уште поимпресивна е реалноста на транспортниот центар во „селото“ Туанџие во округот Шапингба, Чонгкинг каде на 19 март 2011 година, тргнал првиот кинески железнички експрес (Јуксиноу), натоварен со лаптоп компјутери за Европа.  свирче го наруши мирот во селото Туанџие во округот Шапингба, Чонгкинг. Тоа го означило почетокот на големото патување што го поврзува Евроазискиот континент, а исто така го започна и развојот на железничките експресни услуги на Чонгкинг. Петнаесет години подоцна, плановите за железничкото транспортно поврзување на Кина, глобално – на запад, и на исток, на север и на југ се оптимистичко визионерски и покрај сите геополитички предизвици. Визијата на Кина е дека технолошкиот напредок треба да биде достапен за унапредување на квалитетот на животот на луѓето од целииот свет.

Посетата на фабриката за електрични автомобили Чанган, како и на компанијата за медицинска опрема „Хаифу технологија“, која е фокусирана на иновативна медицинска технологија за неинвазивно хируршко отстранување на тумори и постоперативен третман, само уште еднаш ја покажа на дело – сериознноста на намерите на Кина со технолошки развој да инвестираат во заедничката глобална иднина.

Финалето на посетата на Чонгчинг беше шоуто со дронови над реката Јангце, во чест на форумот на Кинеската медиумска групација за влијанието на вештачката интелигенција во креирањето медиумски содржини, односно за предизвикот на ВИ како корисна алатка во медиумското работење и злоупотребата за креирање лажни вести.

Дрон-шоуто беше спектакл, а заклучокот од интернационалниот медиумски форум беше дека внимателно треба да се чекори со вештачката интелегинеција, а сомнежите за нејзина злоупотреба се поголеми од олеснувањето на мисловните и креативните процеси во секојдневното работење.  Идентична позиција како и во западните медиуми за вештачката интелигенција и глобалните предизвици! Можеби Западниот свет, сепак има повеќе заеднички работи со Истокот, од разликите што ја разгоруваат конкуренцијата и недовербата!

За Мкд.мк од Кина – Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ