Како што информираат од МВР, на 04 мај 2026 година бил донесен Правилникот, но по неговото донесување, од страна на Гранскиот независен синдикат на полицијата бил доставен предлог за измена на одредени одредби кои се однесуваат на прашањето за носење брада и тетоважи од страна на полициските службеници. Во образложението биле наведени практики од повеќе европски држави во однос на уредувањето на изгледот и однесувањето на полициските службеници.
По разгледување на предлогот, истиот бил прифатен, при што на 01 јуни 2026 година се извршени измени и дополнувања на одредени членови од Правилникот. Согласно измените, на полициските службеници кои носат униформа им се дозволува брада, но исклучиво доколку е кратка, уредна и редовно одржувана, односно да не го нарушува професионалниот и службениот изглед. Со тоа, како што наведуваат од МВР, се постигнува усогласување со современите практики, при што се задржуваат стандардите за професионалност, дисциплина и углед на службата.
Од Независниот синдикат на полицијата информираат дека ова претставува значаен чекор кон модернизација на условите за работа, но истовремено и кон поголема флексибилност во однос на личниот изглед, во рамки на професионалните стандарди.
Во јавноста, меѓутоа, сè почесто се отвора и прашањето за физичката подготвеност на дел од униформираните службеници, при што се посочува дека полициската служба по својата природа треба да подразбира и добра физичка кондиција и спортска подготвеност, како еден од основните професионални атрибути.






