сабота, 20 јуни 2026

Шефот на италијанската дипломатија: Го откажав патувањето во САД, Трамп ја навреди цела Италија

Изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за италијанската премиерка Џорџа Мелони предизвикаа дипломатски спор меѓу Вашингтон и Рим.

Објавено на

часот

Сподели

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани вчера објави дека го откажува планираното патување во САД, за време на кое требало да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио.

„Тешките и навредливи зборови на претседателот Трамп упатени кон премиерката Џорџа Мелони ја навредуваат цела Италија. Поради тоа одлучив да ја откажам мојата посета на Соединетите Американски Држави, планирана за 21 и 22 јуни“, напиша Тајани на социјалната мрежа Икс.

Станува збор за ново влошување на односите меѓу некогаш блиските политички сојузници и дополнителна пукнатина меѓу САД и нивните европски партнери, само неколку дена по знаците за смирување на тензиите на самитот на Г7 во Франција.

Во интервју за италијанската телевизија Ла7, Трамп тврдеше дека Мелони на самитот го „молела“ за заедничка фотографија и дека прифатил само затоа што му било жал.

„Ме молеше да се фотографирам со неа. Толку многу сакаше фотографија со мене. Не би го направил тоа, но ми беше жал“, изјавил Трамп.

Мелони остро ги отфрли овие тврдења во видеообраќање. „Тврдењата на Доналд Трамп се целосно измислени. Искрено сум запрепастена. Не знам зошто претседателот на Соединетите Држави така се однесува кон сопствените сојузници, а не е првпат да се случува ова“, изјави Мелони во видео објавено на Икс.

„Можам само да кажам дека е штета што не покажува иста решителност кон непријателите на Западот и на Соединетите Држави, кон раководства кон кои, изгледа, се однесува многу попопустливо. Но, едно мора да запомните: Италија и јас никогаш не молиме“, додаде таа.

Тајани требаше на почетокот на следната недела да отпатува во САД и да учествува на Италијанско-американскиот форум за бизнис, инвестиции, наука и иновации во Мајами.

Според соопштението на американскиот Стејт департмент, Рубио требало да разговара со својот италијански колега за унапредување на билатералната соработка во областа на економската безбедност и критичните суровини.

Форумот вчера беше откажан.

Трамп во подоцнежно интервју за Ен-би-си њуз дополнително ги засили критиките кон Мелони.

„Не ја сакам како обожавателка затоа што не беше таму, заедно со групата НАТО-сојузници, кога станува збор за теснецот“, изјави Трамп, алудирајќи на, според него, недоволната поддршка за време на војната со Иран.

Ова не е прв конфликт меѓу Трамп и Мелони.

Претходно оваа година, италијанската премиерка, која припаѓа на десниот политички спектар, ги оцени како неприфатливи критиките што Трамп му ги упати на папата Лео Четиринаесетти поради неговото противење на војната против Иран.

Потоа Трамп ја критикуваше Мелони и Италија во целина поради, како што рече, недоволната поддршка на САД за време на конфликтот.

Мелони долго време важеше за најцврста сојузничка на Трамп во Западна Европа, но нивниот однос се најде под притисок откако таа одби да ја вклучи Италија во војната против Иран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ