недела, 21 јуни 2026
Обвинителството предложи мерки за два случаја на семејно насилство во Скопје

Ќерка не ги издржала заканите на таткото па сакала да се самоубие, жена скокнала од автомобил за да се спаси од мажот

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти државното Јавно обвинителство, осомничениот 56-годишник подолг временски период психички и физички ја малтретирал сопругата и нивните две деца на возраст од 18 и 15 години.

„Иако постојано манифестирал агресивно однесување, домашните од страв не го пријавувале, се додека 15-годишната ќерка, не можејќи да ги издржи заканите, навредите и притисокот од таткото, се обидела да си го одземе животот“, се наведува во соопштението.

Постапка е поведена и против 33-годишен скопјанец, кој при вршење семејно насилство телесно ја повредил сопругата.

„На 20 јуни, во возило ја влечел и се заканувал на жената, а во еден момент сакал да ја удри со стаклено шише. Оштетената во возење ја отворила вратата и скокнала од возилото, а осомничениот застанал и се обидел на сила пак да ја внесе внатре. На жената и нанел телесна повреда, што е казниво според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, информира ЈОРСМ.

Во двата одвоени настани, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување повеќе мерки на претпазливост кои вклучуваат: забрана на осомничените да го напуштаат живеалиштето, обврска да се јавуваат во судот, привремено одземање на патните исправи, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетените и забрана за посетување на локациите каде што тие се движат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ