Пелистер го реновира тимот кој во наредната сезона има амбиција да ја врати шампионската титула во Битола.
„Мозаикот за сезоната 2026/27 го комплетираме со доведување на уште еден среден бек. Нов член на Еурофарм Пелистер е Алекса Колаковиќ, кој се обврза на договор на една сезона, со опција за уште една. Се работи за 28-годишен српски репрезентативец, роден во Подгорица, кој доаѓа во Битола од францускиот ракомет.
По четири сезони во Сант-Рафаел и две во Шартр, Колаковиќ го прифати предизвикот да дојде во најракометниот град и да игра пред најдобрата публика во светот. Средниот бек има шест настапи за српската репрезентација, а настапите во една од најсилните лиги во светот беа добра препорака за трансфер во Битола“, стои во соопштението на Пелистер.
Србинот е деветто засилување за новиот тренер Лино Червар по: Серафимов, Котар, Мехмедовиќ, Џелетовиќ, Татар, Белистојаноски, Басанесе и Џелиловиќ.





