недела, 21 јуни 2026

Инклузијата ја претстави Македонија на Интернационалниот фолклорен фестивал во Италија

Здружението за поддршка на лица со Даунов синдром „Трисомија 21“ Скопје, покажа дека инклузијата може достоинствено да ја претставува нашата држава и надвор од нејзините граници.

Објавено на

часот

Сподели

Членови на здружението, заедно со дел од членовите на Фолклорниот ансамбл „Седенка“- Скопје, на 15 и 16 јуни учествуваа на Интернационалниот фолклорен фестивал „Mare Adriatico” во Лидо ди Јесоло, Италија, соопштија од здружението.

-Нашата група беше единствениот инклузивен ансамбл на фестивалот, испраќајќи силна порака дека фолклорот е мост кој ги обединува луѓето, без разлика на нивните различности. Со изведба на македонски народни ора, учесниците ја претставија богатата македонска традиција, култура и обичаи, освојувајќи го вниманието и аплаузите од бројната публика и останатите учесници.

Освен од земјава, на фестивалот учествуваа ансамбли од Естонија, Мексико, Грузија, Србија, Чешка и Украина. Настанот беше можност за запознавање на различни култури, создавање нови пријателства и промовирање на вредностите на меѓусебното почитување, еднаквоста и инклузијата.

За членовите на Здружението „Трисомија 21“, ова учество претставува прво меѓународно искуство и доказ дека лицата со Даунов синдром, кога имаат можност , со многу работа и одличен ментор по фолклор, можат рамноправно да учествуваат во културниот и општествениот живот и со гордост да ја претставуваат својата земја, посочуваат од здружението и додаваат дека со ова претставување испратиле порака дека инклузијата не познава граници и дека заедништвото, традицијата и уметноста се најсилните амбасадори на Македонија. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ