На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид вчера слета првиот авион на „Аустриан ерлајнс“, со што и официјално започна да функционира новата редовна авиолинија Виена – Охрид. Линијата ќе се реализира двапати неделно, секој четврток и недела, со што Охрид и охридското крајбрежје добиваат директна поврзаност со уште една европска дестинација.
„Воведувањето на оваа линија има огромно значење за развој на охридскиот аеродром, бидејќи аеродромот во Виена е еден од најголемите европски хабови и еден од најважните воздушни центри во Централна и Источна Европа, со преку 200 конектинг летови во 66 држави низ Европа, Северна Америка, Азија и Африка, што подразбира поврзување на Охрид со преку шеесетина земји низ светот. Дополнителено значење има фактот што оваа линија ја оперира „Аустриан ерлајнс“, една од топ десетте најголеми авиокомпании во Европа, што ја потврдува сериозноста на инвестицијата и квалитетот на услугите што се нудат кон патниците“, наведува вицепремиерот Николоски во објава на Фејсбук.
Со ова, од Охридскиот аеродром се реализираат вкупно 16 авиолинии, од кои 13 се редовни и три чартер линии, што претставува значително проширување на мрежата на дестинации достапни за граѓаните и посетителите.
„Македонија денеска е препознаена на мапата на бројни тур-оператори и авиокомпании. Со активните мерки за поддршка го развиваме авиосообраќајот, го зголемуваме туристичкиот потенцијал на државата и обезбедуваме поквалитетни и подостапни услуги за граѓаните. Како резултат на владините политики, директно се отворени 28 нови авиодестинации. Стратешка определба на Владата е целосно да ги искористи капацитетите на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, преку проширување на мрежата на дестинации, привлекување нови авиокомпании и обезбедување поквалитетни услуги за патниците“, вели Николоски.
Тој потсетува дека во тек е целосна реконструкција на Охридскиот аеродром со цел унапредување на неговите капацитети, подобрување на инфраструктурата и создавање услови за понатамошен раст на авиосообраќајот и бројот на патници.
„Целта е годинава преку двата македонски аеродроми да се опслужат повеќе од 3,5 милиони патници, а во наредните години таа бројка да надмине четири милиони патници. Со реализација на мерките за финансиска поддршка за привлекување нови компании, на граѓаните им овозможуваме полесно и побрзо патување до европските метрополи, што директно придонесува за развојот на економијата, образованието, културата, здравството и туризмот“, посочува Николоски.
Со новата сезонска линија што ќе сообраќа двапати неделно во четврток и недела, до 18 октомври, Охрид ќе има директна авионска поврзаност со австриската престолнина, а со тоа и подобри конекциии преку Виена како еден од најзначајните европски воздухопловни центри.
На свеченото одбележување на првиот лет, претставници на „ТАВ Македонија“ посочија дека новата линија ќе придонесе за развојот на туризмот во охридскиот регион, но и за унапредување на економската и сообраќајната поврзаност на земјава.

Генералниот директор, Неџат Курт, изјави дека се очекува линијата да донесе околу пет илјади дојдовни патници, нагласувајќи дека преку Виена патниците од Охрид ќе имаат можност за побрзи и поефикасни конекции до бројни европски и светски дестинации.
„Оваа авиолинија ќе донесе придобивки не само за аеродромот, туку и за туризмот, локалната економија и за нашите сограѓани што живеат и работат во странство. Нашата цел е континуирано да ја подобруваме поврзаноста на земјата и да создаваме услови за раст на патничкиот сообраќај“, изјави Курт.
Од „Аустриан ерлајнс“ посочија дека отворањето на линијата до Охрид претставува проширување на присуството на компанијата во земјава, по три децении летање до Скопје, и оценуваат дека Охрид станува се попривлечна дестинација за патници од целиот свет.
Линијата Виена – Охрид е втора авиолинија воведена на охридскиот аеродром од почетокот на месецов. Претходно беа воспоставени и летови од Вроцлав и Катовице, а во летниот ред на летање од аеродромот „Св. Апостол Павле“ се предвидени летови до вкупно 17 дестинации.






