Процесот не е воден од партиски или персонални интереси, туку неговата примарна цел е дополнително зајакнување на институционалниот капацитет и поефикасна реализација на владината програма, брифираат од Владата.
„Во разговорите се потврдени принципите кои премиерот Христијан Мицкоски неодамна ги соопшти во своето обраќање во Струмица – одговорност и резултати, достапност на функционерите до граѓаните и бескомпромисна посветеност на интересите на народот. Сите коалициски партнери ја споделуваат определбата Владата да продолжи со засилено темпо во реализацијата на програмските приоритети и реформите. Следуваат финалните консултации на кои детално ќе се разгледаат и ќе се потврдат конечните кадровски решенија, велат од Владата и додаваат дека сите министри и функционери мора да останат отчетни за својата работа, бидејќи крајната цел е подобар животен стандард, економски развој и исполнување на стратешките цели на државата.
Премиерот Мицкоски најавува дека најдоцна до 1 јули списокот со новиот владин кабинет ќе се најде пред пратениците во Собранието. Тој рече дека во интерес на процесот нема да коментира конкретни кадровски имиња, а се разгледуваат секакви опции, вклучително и промена на ресори.
Мицкоски најави и дека реконструкцијата нема да запре во министерските кабинети, туку во текот на летото ќе продолжи на локално ниво, каде што се скенира работата на директорите на јавните претпријатија и на подрачните единици.
Мицкоски веќе имаше средби со лидерите на Вреди Билал Касами и Изет Меџити и со лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски. Во текот на разговорите било нагласено дека реконструкцијата не се води од партиски или персонални интереси, туку од потребата за дополнително јакнење на институционалниот капацитет и уште поефикасна реализација на владината програма. Она што ќе биде кчлучно во оценката на функционерите, според брифингот од Владата, ќе биде достапноста за граѓаните, отчетноста за работата и посветеноста кон обврските.
Од СДСМ пак, велат дека реконструкција на Владата ќе донесе само козметички промени, а опозицијата нема да му даде алиби на премиерот за распишување предвремени парламентарни избори. Венко Филипче, претседателот на СДСМ, семта дека за двете години од владеењето на премиерот Мицкоски не биле реализирани 90 отсто од ветените работи во својата изборна програма. Филипче вели дека големи потфрлања има и во правосудсните реформи и евроинтеграциите.






