„Денеска имаме во Владата состанок со сите дистрибутери, трговци и маркети и мојата порака ќе биде јасна. Завршува кризата, граѓаните беа толерантни, сега е на ред тие да им се одолжат на на граѓаните и веднаш да пристапат кон намалување на цените на на производите, посебно основните прехранбени производи. Тоа го очекувам од нив. И исто така ние како Влада имаме механизми, доколку тоа не се случи, на еден поинаков начин да го спроведеме. Оправдување и изговори не прифаќам, од типот „не ни ги качиле, не ни ги намалиле цените“ и слично. Доколку не се види реакција од страна на маркетите, дистрибутерите и производителите во следните денови, тогаш ние како Влада ќе реагираме“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по учеството на Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ.
Тој не можеше да каже колкаво намалување на цените очекува и каде најмногу ќе има намалување, но истакна оти тоа треба да се случи.
„Јас не би можел да кажам колкаво и каде најмногу, само кажувам дека основните прехранбени производи потребно е да претрпат корекција бидејќи граѓаните беа толерантни до сега, сега е време тие да се одолжат на на граѓаните. И ќе направиме некои споредби какви се цените во регионот, какви се цените кај нас за некои од основните прехранбени производи и во одредени маркети, ако треба, и по име и по презиме од утре јавно ќе ги објавуваме ние, па понатаму оставаме на нив“, истакна премиерот во одговор на прашањето што очекува од денешниот состанок.
Тој уште кажа дека очекува бензините да поевтинат за 2,5 до три денари, а дизелот за седум денари.
На новинарско прашање дали се очекува стабилизација на цените на бензините по мировните преговори меѓу САД и Иран и откако низ Ормускиот теснец веќе поминаа 55 бродови, Мицкоски посочи очекува во периодов цената да се движи околу 80 долари за барел.
„Бројката од 55 танкери не е нешто драматично имајќи предвид дека дневно била трицифрена. Имајте предвид дека овие танкери додека да стигнат до конечните дестинации ќе поминат можеби еден месец, а можеби и повеќе, 25 до 35 дена. Така што, очекувам во периодов цената да се движи околу 80 долари за барел, отприлика тука некаде, плус-минус некој долар. Јас стојам на ставот, нашите математики се тие, треба да ги видиме математиките на Регулаторната комисија, но очекувам поевтинување на бензините од 2,5 – 3 денари и околу 7 денари на дизелот. Но, да почекаме регулаторот“, изјави Мицкоски, по учеството на Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ.






