понеделник, 22 јуни 2026

Израел против примирје: „Либан треба да биде наше игралиште“

Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир денеска повика да се отфрли каков било договор за прекин на огнот во Либан, изјавувајќи дека арапската држава „треба да биде израелско игралиште“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Израел не може да се согласи на прекин на огнот во Либан“, изјави крајнодесничарскиот министер во интервју за израелската јавна телевизија КАН.

Тој го повика премиерот Бенјамин Нетанјаху да му го пренесе на американскиот претседател Доналд Трамп израелското противење на какво било примирје во Либан.

„Трамп е вистински пријател и мораме да се однесуваме кон него љубезно и срдечно, но мораме да му кажеме дека не можеме да прифатиме прекин на огнот во Либан“, рече Бен-Гвир.

„Ние ги носиме одлуките и нашите војници постигнуваат добри резултати“, додаде тој.

Неговото противење доаѓа во време на растечки несогласувања во израелските политички и безбедносни кругови околу меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран и неговите можни последици за завршување на војната на либанскиот фронт.

Израел и Либан треба во вторник да ја одржат петтата рунда директни преговори во Вашингтон. Претстојните разговори следуваат по четирите претходни рунди што започнаа во април како дел од процесот насочен кон завршување на израелската воена кампања во Либан.

Разговорите, кои се одвиваат со американско посредство, доаѓаат во момент кога во Израел растат критиките кон начинот на кој Вашингтон ги води разговорите со Иран и Хезболах.

Израелскиот портал и24њуз, повикувајќи се на израелски функционери, објави дека Тел Авив стравува оти евентуален договор меѓу САД и Иран би можел да го зајакне Техеран и неговите регионални сојузници.

Според тие извори, администрацијата на Трамп и нејзиниот преговарачки тим „погрешно ја разбираат идеологијата што ги движи Техеран и Хезболах“. „Трамп не зборува шиитски“, рекоа тие, алудирајќи на она што го сметаат за погрешно разбирање на природата на иранскиот систем и Хезболах.

Во саботата, истиот медиум, повикувајќи се на високи израелски функционери, објави дека „премиерот Нетанјаху им наредил на министрите да избегнуваат лични напади врз Трамп“.

Според официјалните либански податоци, во израелските напади од 2 март досега загинале повеќе од 4.100 лица, а над 12.000 биле ранети.

Израел и натаму контролира делови од јужен Либан, од кои некои ги држи со децении, додека други беа заземени за време на војната во периодот 2023–2024 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ