понеделник, 22 јуни 2026
Од функциите премиер и лидер на Лабуристичката партија

Кир Стармер поднесе оставка

Британскиот премиер Кир Стармер денеска соопшти дека поднесува оставка од функциите премиер на Обединетото Кралство и лидер на Лабуристичката партија, пренесе Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кир Стармер изјави дека ќе се повлече од функциите лидер на Лабуристичката партија и премиер, откако прифатил дека неговата партија повеќе не верува дека тој е најдобриот човек да ја води земјата на следните општи избори.

Стармер рече дека станувањето премиер било „најгордиот момент“ во неговиот живот.

Тој изјави дека наследил Лабуристичка партија што била „политички, финансиски и морално банкротирана“ и дека постојано му било кажувано оти партијата е „готова“.

Според Стармер, партијата сега се прашува дали тој е најсоодветната личност да ја води на следните избори. Тој додаде дека „го слушнал одговорот“ и дека „го прифаќа тој одговор со достоинство“.

Стармер соопшти дека веќе разговарал со кралот и рече дека, доколку има изборна трка за негов наследник, новиот лидер на Лабуристичката партија ќе биде избран пред парламентот повторно да заседава во септември.

Премиерот додаде дека ќе направи сè што е во негова моќ за да обезбеди уредно предавање на власта и дека на својот наследник ќе му ја даде целосната поддршка.

Видно емотивен кон крајот на говорот, Стармер рече дека секоја одлука што ја донел додека бил на функцијата била водена од желбата „на прво место да ја стави земјата што ја сака“ и дека отсега ќе се посвети на тоа да биде најдобар сопруг на својата „прекрасна сопруга“ Викторија, нарекувајќи ја „своја карпа“, и најдобар татко на своите „прекрасни деца“, по што ја прегрна сопругата и се врати во Даунинг стрит 10.

Стармер најави дека ќе остане на премиерската функција сè додека Лабуристичката партија не избере нов лидер. Тој побарал од раководното тело на партијата изборниот процес да биде завршен пред парламентот повторно да заседава во септември.

Меѓу имињата што веќе се споменуваат како можни наследници е Енди Барнам, кој минатата недела победи на дополнителните парламентарни избори во изборната единица Мејкерфилд и денеска треба да положи заклетва како пратеник во Вестминстер.

Оставката на Стармер отвора нова трка за лидерството во Лабуристичката партија и за идниот премиер на Велика Британија. Во наредните недели се очекува партијата да го утврди распоредот и правилата за избор на нов лидер.

Фото: ЕПА

„Играта заврши“: што пишуваат британските весници за Стармер

Кир Стармер доминира на насловните страници на британските весници денеска, при што речиси сите медиуми оценуваат дека неговото време на Даунинг стрит 10 е при крај.

Гардијан објавува дека се очекува Стармер утринава да го соопшти распоредот за своето заминување од функцијата, додека Дејли Мирор на насловната страница порачува дека за него „играта заврши“.

Во меѓувреме, Дејли Телеграф пишува дека Енди Барнам има намера да стане премиер до септември, додека Индипендент го цитира американскиот претседател Доналд Трамп кој вели дека британскиот премиер „ќе поднесе оставка“.

Според медиумските извештаи, кандидатурите за наследник на Стармер ќе бидат отворени од 9 јули, а Барнам во моментов се смета за најсериозен кандидат за преземање на лидерството на Лабуристичката партија и функцијата премиер.

Енди Барнам. Фото: ЕПА

Како дојде до ова?

Притисокот врз Кир Стармер значително се засили по локалните избори во мај, на кои Лабуристичката партија загуби речиси 1.500 советнички места во Англија и ја изгуби власта во Велс, додека во Шкотска го забележа својот најлош резултат досега на избори за шкотскиот парламент.

Сепак, незадоволството во партијата растеше многу пред тие избори. Дел од критиките беа поврзани со одлуката на Стармер во текот на еден месец минатата година да го промени курсот по три клучни политики.

Дополнителни прашања за неговата проценка предизвика и одлуката за назначување на Питер Менделсон за британски амбасадор во САД. Менделсон беше разрешен откако се појавија нови информации за степенот на неговата поврзаност со покојниот осуден сексуален престапник Џефри Епстин.

Иако Стармер до неодамна ветуваше дека ќе се бори против секој обид за негово сменување, атмосферата драматично се промени откако Енди Барнам во четвртокот победи на дополнителните избори во Мејкерфилд против кандидатот на Реформ УК и успеа да го зголеми лабуристичкото мнозинство, спротивно на низата изборни порази што ја следеа партијата во последниот период.

По таа победа, министерот и близок сојузник на Стармер, Питер Кајл, во неделата изјави дека премиерот почнал да ги разгледува „политичките реалности“, што многумина го протолкуваа како знак дека неговото заминување е сè поизвесно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ