Претседателството беше симболично преземено преку церемонијата на примопредавање на знамето на IOTA од в.д. директорката на Националната даночна и царинска администрација на Унгарија, Чила Тамаш Цзинеге, на директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова.
Во обраќање по преземањето на претседателството, директорката Петрова истакна дека даночните администрации денес се соочуваат со брзи технолошки промени, нови економски модели и растечки очекувања од граѓаните и бизнисите. Таа нагласи дека улогата на ИОТА е да им помогне на даночните администрации успешно да ги претворат овие предизвици во можности преку практична соработка, размена на искуства и заедничко градење на капацитети.
„ИОТА не треба да биде само место каде даночните администрации разговараат за промените, туку место каде заедно ги претвораат предизвиците во конкретни решенија“, истакна Петрова.
Веднаш по церемонијата на преземање на претседателството, директорката Петрова го предводеше конститутивниот состанок на новиот состав на Извршниот совет на IOTA, во кој влегуваат Азербејџан, Белгија, Ерменија, Естонија, Романија, Финска, Хрватска и Швајцарија.
Во рамките на Генералното собрание на ИОТА, директорката Петрова учествуваше во панел дискусија со директорите на даночните администрации на Азербејџан, Естонија, Украина, Унгарија и Хрватска, посветена на стратешките приоритети на даночните администрации и идната улога на IOTA. На дискусијата беше нагласена потребата од забрзување на дигиталната трансформација, како и способноста на даночниците да управуваат со оваа трансформација и да ја зачуваат довербата на јавноста во услови на брзи технолошки и економски промени.
ИОТА е организација во која членуваат 43 европски земји и две придружни членки, а е поврзана со повеќе меѓународни и глобални организации кои работат на даночни прашања.
„Преземањето на претседателството на ИОТА претставува значајно меѓународно признание за Управата за јавни приходи, препознавајќи ја како активен и кредибилен партнер во европската даночна заедница“, се вели во соопштението од УЈП






