понеделник, 22 јуни 2026

Министерство за правда: Измените на Изборниот законик влегуваат во завршна фаза

Работната група за реформи во изборното законодавство денеска ја одржала десеттата седница, на која продолжило разгледувањето на предлозите за измени и дополнувања на Изборниот законик во согласност со обврските од реформската агенда, соопшти Министерството за правда (МП).

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат од Министерството за правда, членовите на работната група ги разгледале препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои произлегуваат од претходните изборни циклуси, при што најголемиот дел од препораките за кои е постигнат консензус се прифатени и соодветно вградени во предложените решенија. Воедно, биле разгледани и предлозите доставени од политичките партии и надлежните државни институции.

„Целта на предложените измени е понатамошно усогласување на изборното законодавство со меѓународните стандарди, јакнење на правната сигурност, унапредување на транспарентноста на изборниот процес и имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Со тоа се создаваат услови за дополнително зацврстување на демократските процеси и јакнење на довербата на граѓаните во изборниот систем“, посочуваат од Министерството.

Работната група констатирала дека е постигнат значителен напредок во подготовката на измените и дополнувањата на Изборниот законик. Како што посочуваат, најголемиот дел од клучните прашања се веќе разгледани, а во наредниот период ќе продолжи усогласувањето на преостанатите предлози со цел подготовка на конечниот текст.

Следната седница на Работната група е закажана за четврток, на која ќе бидат разгледани останатите отворени прашања и ќе се финализираат предложените решенија. Од министерството за правда најавуваат дека се очекува во краток рок да биде подготвен сеопфатен предлог-текст на измените и дополнувањата на Изборниот законик, кој ќе ги одразува постигнатите усогласувања и прифатените препораки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ