среда, 24 јуни 2026

Европа го менува работниот ритам поради жештините

Додека Европа се соочува со топлотен бран и температури над 40 Целзиусови степени, компаниите се борат да ги заштитат работниците, да ги одржат бизнисите во функција и да го искористат порастот на побарувачката за сè што би можело да донесе олеснување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во Германија, логистичкиот гигант ДХЛ ги опреми работниците за достава со „ладни кутии“ што содржат крпи за ладење за повеќекратна употреба, рачни нараквици за ладење што се активираат со вода и заштита од УВ зрачење на вратот, бидејќи повеќе од 111.000 поштенски работници продолжуваат со своите рути во топлината, објавува Ројтерс.

Градежните компании го менуваат работното време, па работата започнува порано и завршува пред најжешкиот дел од денот, додека трговците на мало се борат да ја задоволат побарувачката за вентилатори и преносни клима уреди.

„Екстремно високите температури природно претставуваат посебен товар за време на физички напорна работа“, соопшти ДХЛ, додавајќи дека на работниците им се советува да пијат многу течности, да користат крема за сончање и да бараат сенка секогаш кога е можно.

Тајсенкруп стил Јуроп, вториот најголем производител на челик на континентот, нуди дополнителна вода и овошје во погоните со високи печки, челичарници и погони за топло валање, каде што температурите на кои се изложени работниците можат да се искачат до повеќе од 45 степени Целзиусови дури и без топлотен бран.

Додека топлиот воздух од Сахара стигна кон север, 40 лица се удавија во Франција во последните неколку дена обидувајќи се да избегаат од жештината. Температурите во Бордо и Поатје, на југозападот од земјата, надминаа 41 Целзиусов степен.

Училиштата во одредени региони се затворени или ги прилагодиле своите распореди за настава, додека подалеку на север и делови од Британија се подготвуваат за можни рекордни јунски температури.

Од сите континенти, Европа претрпе најбрз пораст на температурите што научниците го припишуваат на климатските промени предизвикани од човекот. Според податоците од климатскиот монитор на Ројтерс, Европа во понеделникот беше континентот со најголемо отстапување од историскиот температурен просек.

Германското централно здружение на градежната индустрија соопшти дека екипите за изградба на патишта и работниците на отворено се најизложени на ризиците поврзани со екстремната топлина.

„Луѓето често почнуваат порано и завршуваат со работа порано за да го избегнат најжешкиот дел од денот“, вели Хериберт Јерис, раководител на одделот за социјална политика и колективно договарање на здружението.

Како што се прилагодува работното време, француското здружение на земјоделски задруги соопшти дека некои силоси организираат ноќни смени за прием на жито, бидејќи локалните власти ги забранија попладневните жетви за да го намалат ризикот од пожар.

Е.ОН, најголемиот европски оператор на енергетска мрежа, инсталираше павилјони во својата подружница Бајернверк за да можат вработените да се одморат во сенка. Компанијата соопшти дека високите температури се исто така предизвик за управувањето со електричната мрежа, иако во некои случаи, зголемената потрошувачка на електрична енергија за климатизација може да се компензира со поголемо производство на сончева енергија.

Жештината на некого му носи профит, а на други загуби.

Британскиот продавач на електрична енергија Карис соопшти дека продажбата на вентилатори е зголемена за речиси 3.000 проценти во однос на претходниот викенд пред најновиот топлотен бран, додека продажбата на клима уреди е зголемена за 330 проценти.

Марк Хигинс, финансискиот директор на АО њорлд, изјави дека топлотниот бран во Британија, кој и во мај забележа рекордни температури, ја зголемил побарувачката порано од вообичаеното.

„Во Обединетото Кралство во мај беше забележан топлотен бран, што е порано отколку што вообичаено гледаме во текот на годината“, вели Хигинс. „Кога е жешко, бележиме огромна продажба на клима уреди и вентилатори“.

Ројтерс наведува дека наглото зголемување укажува на поширока промена на континентот кој историски бил помалку зависен од климатизацијата отколку региони како Северна Америка, каде што тоа е вообичаено.

Сè поголем економски трошок

Додека профитот расте за некои, повеќето луѓе се соочуваат со несаканите трошоци од суши, поплави и топлотни бранови, чија веројатност е зголемена од климатските промени.

Студија од 2025 година од страна на Универзитетот во Манхајм и економистите на Европската централна банка покажа дека екстремните временски настани би можеле да ја чинат Европската Унија околу 126 милијарди евра до 2029 година.

Јужна Европа е особено ранлива, а јавните власти се принудени да реагираат.

Мадрид ја прошири мрежата на „климатски засолништа“, дизајнирани да им дадат на ранливите жители одмор од топлината. Други презедоа мерки за ладење на своите домови, но тоа има своја цена.

Џандри, 28-годишен водоинсталатер во шпанската престолнина, вели дека спие со вклучен клима уред цела ноќ.

„Ќе ја видите сметката. Ќе биде голема“, вели тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ