среда, 24 јуни 2026

Бил Гејтс: Можеби сум бил во друштво на жртви на Епстин

Милијардерот Бил Гејтс призна дека можеби бил во друштво на жртви на Џефри Епстин, иако никогаш не бил сведок на неговите злосторства. Коосновачот на Мајкрософт го изјави ова во своето сведочење пред американскиот конгресен комитет, чиј транскрипт беше објавен вчера, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Гејтс во доброволен разговор на Капитол Хил претходно овој месец тврдел дека неговата тригодишна врска со осудениот сексуален престапник била чисто професионална и дека никогаш не бил сведок или учествувал во какво било сексуално вознемирување.

Сепак, демократскиот пратеник Роберт Гарсија истакна дека истрагата на комитетот покажала дека некои од вработените на Епстин биле и негови жртви, поради што Гејтс не може да ја исклучи можноста дека бил близок со нив. „Така е“, одговори Гејтс, признавајќи дека на крај на состанок во авионот на Епстин видел некои од неговите вработени. „Можно е да бев во присуство на жртвите“, додаде тој.

Комитетот за надзор на Претставничкиот дом побара сведочење од Гејтс како дел од својата истрага откако објавувањето на дополнителни документи за Епстин претходно оваа година покрена прашања за неговите врски со покојниот финансиер. Во вторникот одборот објави и транскрипт од сведочењето на долгогодишната асистентка на Епстин, Лесли Гроф, која го опиша својот поранешен шеф како „мајстор за манипулација“ и тврдеше дека немала сознанија за неговите злосторства.

Во своето сведочење, Гејтс откри дека Епстин се обидел да го уценува користејќи информации за неговиот приватен живот, вклучително и брачна неверност.

Тој се сети дека, откако ги прекинале врските во 2014 година, Епстин му испратил е-пошта барајќи „надомест на трошоците“ што наводно ги платил во врска со жена со која Гејтс имал афера. „Му кажав на мојата клучна личност, главниот човек во Гејтс венчрс, Лари Коен, дека никогаш нема да платиме ништо“, сведочеше Гејтс.

Тој се запознал со Епстин во 2011 година преку еден од неговите најблиски соработници, Хрватот Борис Николиќ, според Гејтс, кој верува дека Николиќ му кажал на Епстин за неговите две вонбрачни афери.

За време на интервјуто, истражителите го испрашувале за други можни афери, тврдејќи дека е важно да се утврди дали Гејтс имал други врски со осудениот сексуален престапник, но Гејтс и неговиот правен тим се спротивставиле.

Борис Николиќ е доктор и инвеститор, моментално извршен директор на Биоматикс. Претходно бил главен советник за наука и технологија на Бил Гејтс. Докторирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Загреб, а постдокторските студии по трансплантациска имунологија ги завршил на Харвард.

Во 2002 година, тој станал основач и директор на Лабораторијата за напредна имунологија во Општата болница во Масачусетс, една од најдобрите болници во светот. За време на неговата научна кариера, тој потпишал повеќе од 70 научни статии и патентни пријави, а неговите истражувачки интереси се фокусирале на имуногенетиката, автоимунитетот и истражувањето на матичните клетки.

Првата евидентирана комуникација меѓу него и Епстин во досиејата датира од јануари 2010 година, само шест месеци откако Епстин беше ослободен од затвор во Флорида, каде што отслужувал казна за подведување малолетно лице. По смртта на Епстин во 2019 година, Николиќ беше именуван за заменик извршител на неговиот тестамент.

Гејтс особено посочил на нацрти на мејлови кои Епстин, се чини, си ги напишал во 2013 година. Тие содржат низа експлицитни, но непотврдени обвинувања против Гејтс. Гејтс тврди дека Епстин би спомнал и други афери таму доколку знаел за нив.

„Верувам дека Епстин, кога ги пишувал тие пораки, внел сè негативно што го знаел во нив, вклучително и отворени лаги. Доколку дознал нешто друго лошо, сигурен сум дека тоа би било во тие пораки“, кажал Гејтс.

Во тие белешки, полни со правописни грешки и навреди, Епстин тврдел, меѓу другото, дека помагал при сексуални средби со Гејтс и му помогнал да добие лекови за да скрие сексуално пренослива инфекција од неговата сопруга, што Гејтс го нарече лаги. „Никогаш не сум имал сексуално пренослива болест“, изјавил тој во своето сведочење, но додал дека е „можно“ да му рекол на Николиќ дека е загрижен дека можеби ја има.

Гејтс кажал дека кога го запознал Епстин во 2011 година, бил свесен дека финансиерот имал „кривична пресуда од сексуална природа“, но сепак бил заинтересиран за професионална соработка бидејќи Епстин тврдел дека може да собере милијарди долари за глобалното здравство.

Таа филантропска можност никогаш не се остварила, а Гејтс денес вели дека жали што не обрнал поголемо внимание на угледот на Епстин. „Жал ми е што не го сфатив посериозно“, сведочел тој. Иако Епстин се обидел да го покани на својот остров и на друштвени настани, Гејтс тврди дека бил свесен дека поради казната на Епстин, не смеел да ја премине и таа граница.

Тој додал дека за него е „мистериозно“ како Епстин успеал да го стекне своето богатство и истакна дека станот на Епстин во Њујорк бил еден од „најпространите“ домови на Менхетен што ги видел. Гејтс, исто така, изјавил дека доброволно соработувал со канцеларијата на главниот обвинител на Американските Девствени Острови, со кого бил на разговор и доставил одредени финансиски документи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ