Тој ова го истакна на меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“, што се одржува во Скопје, каде учествуваат поранешни шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од Европа и Азија. „ЕУ треба да биде отворена и искрена со земјите кандидати и да ги отвори вратите ако ги исполниле сите услови“, изјави Чавушоглу.
Во своето обраќање, тој се осврна и на процесот на евроинтеграции на Северна Македонија.
„Од Македонија се бараше да го промени знамето, името и сега се бара да прифатат дека не се Македонци. Тоа е нечуено и спротивно на основните вредности на ЕУ“, порача Чавушоглу. Тој оцени дека ваквите дополнителни условувања надвор од преговарачките поглавја се „нефер и сурови“ кон државата и граѓаните.
Чавушоглу истакна дека Турција е за соработка и против нови поделби на Балканот, како и дека останува поддржувач на регионалната стабилност.
„Турција е подготвена да ги поддржи сите напори за мир, безбедност и економска соработка во регионот“, рече тој, додавајќи дека евроинтеграцијата на регионот во иднина ќе се забрза. Тој зборуваше и за улогата на НАТО и потребата од поширока европска ангажираност.
„Присуството на НАТО ќе продолжи да биде клучно за мирот и стабилноста во регионот, но не треба сè да се очекува само од САД, туку и европските сојузници треба да бидат поактивни“, нагласи Чавушоглу.
Во однос на економските перспективи, тој порача дека Балканот има голем неискористен потенцијал и може да игра значајна улога во глобалните трговски текови.
„Географски Балканот е мост меѓу Западот и Истокот и економскиот потенцијал е особено важен за развојот на поширока Европа“, изјави тој, додавајќи дека коридорот „Појас и пат“ ќе станува сè поважен.
Чавушоглу се осврна и на проширувањето на ЕУ, истакнувајќи дека процесот мора да биде фер. „Верувам дека Црна Гора ги исполнува сите услови и верувам дека ЕУ земјите треба да одговорат зошто тоа не е така“, рече тој.
На крајот, Чавушоглу изрази надеж за европската иднина на регионот. „Евроинтеграциите на Балканот се клучни и се надевам дека Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ во блиска иднина“, изјави тој.
На Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“ што завршува денескаво во Скопје, учествуваат поранеши шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од повеќе земји од Европа и Азија, е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија 2009–2019, д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC) и Алумни асоцијацијата на Школата за млади лидери на претседателот Иванов (ISLAA).






