На мермерната плоча, поставена на остатоците од старата камбанарија во напуштеното село, Делчев е опишан како „бугарски револуционер и војвода“.
Грчките медиуми објавуваат дека локалните власти не биле претходно информирани за поставувањето, ниту пак издале официјално одобрение. Засега, официјален став од Министерството за надворешни работи на Грција не е објавен.
Во Баница на 4 мај 1903 година во судир со османлиските сили загина Гоце Делчев.
Уште во 2022 година, тогашниот претседател на Бугарија, а сега премиер, Румен Радев јавно изрази поддршка на иницијативата за поставување спомен-обележје во Баница. Тогаш грчката страна посочи дека евентуалното барање ќе биде разгледано во редовна институционална процедура.
Една од најжешките теми на Заедничката (Македонија и Бугарија) мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања е токму Гоце Делчев. Бугарските историчари упорно тврдат дека Делчев бил бугарски револуционер. Спорните историски прашања меѓу Македонија и Бугарија остануваат нерешени. Новата средба на историчарите е закажана за во септември во Софија.
А.Д.






