Претседателот на САД Доналд Трамп денеска преку социјалните мрежи соопшти дека сепак нема да го потпише републиканско-демократскиот закон за домување што беше усвоен во двата дома на Конгресот и како услов за да го стори тоа го постави усвојувањето на законот за избирачки права, што е невозможно бидејќи опозициските демократи остро му се спротивставуваат, а републиканците немаат квалификувано мнозинство за да го „протнат“.
„Денешната прес-конференција во Претставничкиот дом и потпишувањето затоа се откажани сè додека не го усвоиме очајнички потребниот Закон ‘Да ја спасиме Америка’, кој јас го сметам за прашање од итно национално значење“, напиша Трамп.
Бидејќи републиканците во Сенатот немаат квалификувано мнозинство, односно не можат да ја надминат таканаречената процедурална блокада („филибастер“), според кој мора да имаат 60 од вкупно 100 сенаторски гласа за ваков вид закон, Трамп побара правилото за филибастер да биде укинато, па законот за избирачки права да се усвои со просто мнозинство гласови. Но на измената на правилата ѝ се спротивставуваат самите републиканци.
Демократите сметаат дека со тој закон – кој предвидува избирачите на гласачкото место да го докажуваат државјанството – се ограничуваат избирачките права. Претходно денеска беше објавено дека Трамп се упатува кон Капитол хил за да се сретне со републиканските сенатори што покажуваат сè поголем отпор кон него.
Со месеци Трамп се обидуваше да ги натера сенаторите да го усвојат законот за избирачки права иако е јасно дека нема доволно гласови за негово усвојување.
Трамп ја блокираше потврдата на новиот шеф на разузнавачките служби, кој ужива подеднаква доверба кај републиканците и демократите, побара да се обезбеди финансирање за неговиот проект за балска сала во Белата куќа, на што постои големо противење, а бараше и републиканците да го поддржат неговиот воен поход против Иран, додека тие поставуваат прашања за стратегијата и завршницата на таа акција.
Трамп, исто така, сам си ја ослабна поддршката во Сенатот бидејќи директно влијаеше двајца сенатори наклонети кон неговата политика да ги загубат внатрепартиските избори од противкандидати лојални на Трамп.
Бидејќи нивните мандати нема да бидат продолжени, тие двајца сенатори – Џон Корнин од Тексас и Бил Кесиди од Луизијана – сега жестоко го критикуваат она што тој го прави.






