Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска ќе се сретне со претседателот на САД, Доналд Трамп, две недели пред годишниот самит на воениот сојуз, во момент кога Пентагон го преиспитува обемот на американското воено присуство во Европа.
Трамп долго време го критикува НАТО, тврдејќи дека САД неправедно носат поголем дел од товарот на воените трошоци. Меѓутоа, неговите забелешки станаа погласни по војната со Иран, кога негодуваше затоа што некои членки го игнорирале неговиот повик да му помогнат повторно да ја покрене трговијата со нафта низ затворениот Ормуски теснец.
Трамп ги повтори заканите дека ќе го напушти 77 години стариот воен сојуз, зголемувајќи го влогот пред самитот на лидерите на НАТО во Турција следниот месец. Сепак, се очекува Руте, кој стана познат како своевиден „смирувач на Трамп“ поради способноста да го шармира претседателот, да го искористи денешниот состанок во Белата куќа за да се обиде да го смири.
Политико пишува дека Руте ќе мора да најде рамнотежа меѓу ветувањата дека ќе ги исполни ултиматумите на Трамп и фактот дека некои членки на НАТО се мачат да издвојат повеќе средства за одбрана, додека дома се соочуваат со сопствени политички и буџетски ограничувања.
„Ова би можел да биде тежок состанок пред потенцијално тешките состаноци во Анкара“, изјавил за Политико еден претставник на земја-членка на НАТО.
„Трамп не е задоволен, а сојузот можеби не може многу да направи на краток рок. Веќе се согласија на пет отсто од БДП за одбрана и немаат многу нови адути во ракавот“, освен да укажуваат на напорите за зголемување на трошоците за одбрана и купување повеќе американско оружје.
Стивен Вертхајм, висок соработник на Карнеги фондацијата за меѓународен мир, изјави за Ројтерс дека очекува Руте да се обиде да се усогласи со Трамп за да обезбеди самитот на НАТО да биде успешен, „или барем да не доживее целосен дебакл“.
„Самитот на НАТО носи потенцијално значителен ризик затоа што Трамп е вознемирен и непредвидлив, а дури и ако Руте дојде и помисли дека има договор со Трамп, кој знае што ќе донесат следните две недели“, рече Вертхајм.
Посетата доаѓа откако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет минатата недела остро ги нападна сојузниците за време на состанокот во седиштето на НАТО во Брисел. Тој најави шестмесечна ревизија на американските сили во Европа што ја спроведува Пентагон.
Хегсет повтори дел од критиките на Трамп, замерувајќи им на европските сојузници што не им дозволиле на САД да ги користат базите во Европа за напад врз Иран. Сојузниците во НАТО не биле консултирани за војната пред САД да ја почнат заедно со Израел на 28 февруари, а некои отворено ја критикуваа стратегијата на Трамп.
Една од главните улоги на Руте од изборот на Трамп во ноември 2024 година беше да го ублажува непријателството на американскиот лидер кон сојузот и да спречи напнатите моменти, вклучувајќи го и настојувањето на Трамп да го преземе Гренланд, да прераснат во трајна криза. Се очекува и денешниот состанок да го следи истиот модел.
Руте често му ласка на претседателот, припишувајќи му заслуги за тоа што членките на НАТО ги зголемиле издвојувањата за одбрана. Трамп минатата година вршеше притисок врз лидерите да се согласат до 2035 година годишно да вложуваат пет отсто од БДП во одбраната.
Руте синоќа даде интервју за Фокс њуз, телевизија за која е познато дека Трамп внимателно ја следи.
Агенцијата АП пренесе дека Руте повеќепати го пофалил Трамп, истакнувајќи дека тој е лидер на НАТО сојузот, а за неговите напори во Иран рекол: „Во тоа целосно го поддржувам“.
Тој кажа дека незадоволството на Трамп поради користењето на базите во Европа се однесувало на неколку „изолирани случаи“.
Спремноста на Руте да го пофалува Трамп понекогаш предизвикуваше чудење, особено кога за време на минатогодишниот самит на Алијансата претседателот го нарече „тато“.
Потоа му испрати и додворувачка СМС-порака во која употреби еден од омилените манири на Трамп – случајно пишување одделни зборови со големи букви.
„Европа ќе плати ГОЛЕМА цена, како што и треба, и тоа ќе биде ваша победа“, напишал Руте.
Трамп ја сподели приватната порака на социјалните мрежи за да ја види целиот свет.
Истото го направи повторно во јануари, објавувајќи уште една порака од Руте која завршувала со зборовите: „Едвај чекам да ве видам. Ваш, Марк.“






