Во претседателски документ од 24 јуни се наведува дека дејствата на поединци и групи што го загрозуваат мирот, меѓународните напори за стабилизација на регионот, како и активностите што го попречуваат демократскиот развој и евроатлантската интеграција на земјите од Западен Балкан, продолжуваат да претставуваат „вонредна и невообичаена закана“ за интересите на САД.
Вонредната состојба првпат ја прогласи американскиот претседател Џорџ В. Буш на 26 јуни 2001 година, со Извршна наредба 13219, која овозможи замрзнување на средствата на поединци и организации што ја загрозуваат стабилноста на регионот.
Мерката се однесуваше на лица поврзани со екстремистичко насилство во тогашна Македонија, попречување на спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН за Косово.
Во 2003 година наредбата беше проширена со активности што го попречуваат спроведувањето на Охридскиот договор во Македонија. Оваа наредба е поврзана со „поткопувањето на повоените договори и институции создадени по распадот на поранешна Југославија“ и „широко распространетата корупција што го попречува демократскиот развој и интеграцијата на регионот во евроатлантските структури“.






