Деталите за третиот голем проект од прославата на 35 години независност на Македонија беа соопштени денеска.
„Самиот проект е замислен како музичко-сценски перформанс на тема 35 години независност на Македонија, за сите важни моменти кои што нè обединуват, нè прават горди и среќни, односно сè она што е важно во овие 35 години, се разбира низ една уметничка перспектива. Музичко-сценскиот перформанс нема задача да биде некаква хронологија, односно да се занимава со реалното време. Всушност, создаваме една уметничка реалност каде што низ едно музичко-сценско патување ќе патуваме низ тие 35 години, обидувајќи се од два агли да ја гледаме независноста. Едниот агол е генарацијата која беше директен учесник во тоа, а другата е младата гнерацијата која ја наследува независноста. Значи, ќе се обидеме низ еден уметнички начин да ги споиме генерациите и да направиме еден мост“, рече Пројковски на денешната прес-конференција во Македонската опера и балет.
Она што е интересно истакна, е што настанот ќе биде еден од најголемите сценски спектакли на отворено, инспирација на голем број музичари, пејачи, актери, од кои еден дел се веќе колективна меморија.
„Ќе ги споиме, се разбира, сите уметности, ќе се занимаваме и со ликовната уметност, со филмот, поезијата и со литературата, односно, ќе исплетеме една мрежа со која ќе ја создадеме таа сценска естетика“, истакна Пројковски.
Тој додаде дека освен големиот број на уметници на сцената ќе има и сериозна техника и технологија.
„Ќе биде еден визуелен празник за сите. Игор Џамбазов ќе биде главниот лик што ќе нè води низ приказната низ тие 35 години“, кажа режисерот.
Актерот Џамбазов рече дека е среќен и почестен што е одбран да биде церемонијал-мајстор на овој мултимедијален спектакл кој се подготвува со големо внимание, радост и ао одговоност.
„Ќе се обидеме овој празник да важи за сите, за сите граѓани на независна Република Македонија. Не дека досега не било така, но овојпат ќе се стави посебен акцент на тоа дека сите го прославуваме ова. Во настанот ќе бидат вметнати и големите успеси на државата, на нашиот спорт, на нашата уметност. Би сакал на оваа прослава да се радуваме на нашето постоење, на постоењето на нашата држава. Разговаравме со Пројковски кој би бил идеалниот почеток и се сложивме дека тоа би биле антологиските стихови на песната ‘Македонија’ на големиот Анте Поповски напишани пред 45 години“, откри Џамбазов.
На конференцијата се обрати и портпаролката на Владата, Марија Митева.
„Сега после сите овие говори на уметници следува оној дел во којшто политички мораме да ја кажеме определбата на Владата за еден ваков грандиозен проект. Интернационалните ѕвезди се вредни за почит, но македонските уметници, македонската култура се оние коишто го носат духот на една нација и сум исклучително горда и јас, но и целата Влада што успеавме да влеземе во ваква организација преку еден ваков проект, каде што над 120 македонски уметници ќе бидат дел прославата на 35 години независност на Република Македонија“, рече Митева и упати благодарност до сите учесници.
Покрај мјузиклот, јубилејот од независноста ќе биде прославе и со настапот на Дејвид Гета на стадионот „Тоше Проески“ и со музичкиот спектакл на плоштадот Македонија во Скопје, на кој главна ѕвезда ќе биде шпанскиот тенор Хозе Карерас.






