„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известува јавноста дека согласно насоките од Владата како и барањата од корисниците на шумите – ЈП Национални шуми и Националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште. Согласност се издава согласно членот 57, став 3 од Законот за шумите, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор“, информира денеска ресорното Министерство.
За непочитување на забраната, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, ќе им биде изречена глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.
Како што информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 14 часот се регистрирани вкупно три пожари на отворен простор, од кои два се активни, пожари под контрола нема, а еден пожар е изгаснат.
Активни пожари има во Општина Штип, населба Св. Недела гори ниска вегетација и Општина Липково село Матејче каде гори ниска вегетација. Изгаснат е пожарот во Општина Струмица кај село Банско каде гори депонија.






