Владата проценува дека стотици луѓе се уште се заробени и исчезнати, со 589 потврдени жртви и 2.980 повредени. На интернет страницата воспоставена за пријавување лица кои и понатаму се водат како исчезнати до утринава беа наведени 50.000 луѓе.
Земјотресите со јачина од 7,2 и 7,5 степени, два од најсилните во модерната историја на Јужна Америка, погодија област околу 160 километри западно од Каракас во средата навечер, додека Венецуелците славеа национален празник.
Геолошкиот завод на САД процени дека бројот на жртви би можел да надмине 10.000.
Владата на привремената претседателка Делсеа Родригез, која ја презеде власта откако САД го киднапираа нејзиниот претходник во јануарска операција, вети дека ќе испрати масовна помош.
Сепак, помошта пристигна нерамномерно во четврток: на некои места имало пожарникари, полиција, служби за цивилна заштита и војска на улиците, додека на други ги немало или биле присутни во минимален број.
Ла Гваира, крајбрежен град во близина на Каракас, беше најтешко погоден, со најмалку 100 згради, вклучувајќи и солитери, срамнети со земја.
Очајните жители, од кои многумина ги пребаруваа урнатините со раце или со какви било алатки што можеа да ги најдат, се пожалија на недостиг од владина помош и соодветна опрема, иако државната телевизија прикажа снимки од Родригез во попладневна посета, за време на која таа вети помош.
„Тој е под плочите, а нема механизација за да го извлечат“, кажа Џамилет Хименез за својот деветнаесетгодишен син, кој беше заробен во урнатините на нивната седумкатна зграда.
Покрај оние што ги пребаруваат урнатините, Венецуелците се организираат за да обезбедат импровизирана помош на жртвите од земјотресот, со мотоциклистички каравани со залихи што пристигнаа од Каракас во Ла Гваира во четвртокот вечерта.
Десетици луѓе пристигнаа со мотоцикли и од градот Валенсија во текот на ноќта, носејќи храна и продукти.
Странски спасувачки екипи, вклучувајќи некои од земји кои се спротивставија на Венецуела во текот на децениите меѓународна изолација, политичка репресија и економски пад, почнаа да пристигнуваат доцна во четвртокот, а мал контингент од Доминиканската Република прв пристигна во Ла Гваира.
Мексико испрати 250 спасувачи, Ел Салвадор 188, а Шпанија речиси 100, додека авион на колумбиските воздухопловни сили со 63 членови на спасувачкиот тим беше на пат утрово. И Швајцарија и Германија испратија спасувачки екипи, од кои многумина носеа кучиња трагачи, уреди за прислушување и специјализирана опрема.
Соединетите Американски Држави соопштија дека мобилизираат 150 милиони долари помош, додека други земји, како што се Колумбија, Швајцарија и Ел Салвадор, испраќаат опрема и залихи.

Вашингтон ги ублажи долгогодишните санкции врз социјалистичката земја за да дозволи помош по земјотресот, која инаку би била забранета, а американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека Вашингтон ќе испрати спасувачки екипи, а Пентагон ќе помогне во поддршката на оштетениот аеродром во Каракас.
Родригез им се заблагодари на земјите за нивната поддршка утрово и кажа дека странските тимови се распоредени во различни области.
„Мојата зграда не е погодна за живеење и сега немам ништо. Само јас и мојот син сме, а немам семејство во земјата“, кажа Сухајл Саркиз (50), која ја загубил работата пред неколку месеци.
Речиси седум милиони луѓе би можеле да бидат погодени, соопшти агенцијата за миграција на Обединетите нации, која обезбедува привремено сместување и друга итна помош.
„Изгубивме сè“, вели Педро Перез (64), сопственик на работилница за тапацирање, кој кажа дека го изгубил и домот и работата и спиел на улица со сопругата и децата во четвртокот вечерта. „Се надеваме дека помошта ќе пристигне брзо“.
Во клучниот нафтен сектор на членката на ОПЕК, странските енергетски компании изјавија дека нивното работење не претрпела големи прекини, а нафтената инфраструктура се чини дека е претежно поштедена.
Берзата во Каракас остана затворена и беше претворена во центар за собирање помош.
Најсмртоносниот земјотрес досега во модерната историја на Венецуела беше оној во 1967 година, кога загинаа 240 луѓе.






