САД и Иран минатата недела потпишаа меморандум за разбирање, отворајќи го патот за 60-дневни преговори за решавање на најтешките отворени прашања, вклучувајќи ги и оние поврзани со нуклеарната програма на Иран. Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, завчера изјави дека нема планови за одобрување на пристап на инспекторите. Но, Гроси денеска изјави дека инспекциите мора да се спроведат.
„Постои договор и за да се почитува тој договор, МААЕ ќе мора да има пристап и да врши инспекции“, изјави тој на прес-конференција во Јапонија. „Се надеваме дека наскоро ќе бидеме таму“, пренесува Ројтерс.
Инспекторите на ОН веќе одржаа почетни разговори со иранските претставници за технички прашања, рече Гроси. Првата цел на која било посета на Иран би била да се потврди дека печатите на МААЕ на претходно инспектираниот материјал останале недопрени и дали недостасува каков било материјал.
„Намерите не се доволни. Треба да воспоставиме многу силен систем за проверка“, рече тој. Иран не го информирал надзорниот орган колку од неговиот збогатен ураниум ги преживеал американските и израелските напади или каде се наоѓа.
МААЕ проценува дека Иран имал 440,9 кг ураниум збогатен до 60 проценти пред почетокот на конфликтот. Доколку се збогати дополнително, ова, според критериумите на агенцијата, би било доволно за производство на десет нуклеарни бомби.






