Пред членовите на комисијата за финанасирање и буџет беа образложени 51 амандман за измена и дополнување на законот, како и измени од номотехнички карактер, со што се овозможи предложениот закон за игрите на среќа и за забавните игри да ја продолжи собраниската процедура и гласање пред пленумот.
Најголем дел од амандманите предложени од пратеникот во опозициската партија Левица, Реџеп Исмаил содржеа трикратно зголемување на надоместоците кои по различни основи би ги плаќале сопствениците на обложувалници, автомат-клубови и автомат-апарати, заострување на условите на правните лица кои ќе се занимаваат со оваа индустрија, намалување на, според него, т.н. епидемија на коцкање, а беше поднесен амандман и за работното време на казината.
„Со предложениот амандман подготвен сум и за компромис со предлагачот, односно Министерството бидејќи според предложениот закон од Министерството за финансии се предвидува казината да може да работаат 24/7 часа, 360 денови во годината. Тоа значи нон-стоп работење, а со нашиот амандман предлагаме работното време да се скрати на 12 часа, а за празници и неработни денови, казината да не работаат. Но, подготвен сум на компромис во амандманот ако заеднички забраниме барем да не се работи за време на верски празници“, посочи пратеникот Исмаил.
Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски не го прифати амандманот на пратеникот Реџеп Исмаил затоа што како што рече казината насекаде во светот работаат 24/7 часа.
„Државата има должност да обезбеди почитување на работните права на работниците во казината и притоа се знае дека за прекувремени работни саати се врши дополнителна исплата, за бонуси исто така треба исплата, за работа во викенд треба исплата, а тоа трудовиот инспекторат агилно го реализира. Сметам дека не треба да бидеме исклучок од светот и затоа амандманот не се прифаќа“, појасни заменик министерот за финансии Јанкуловски.
Членовите на комисијата за финанасирање и буџет предложија десеттина амандмани за подобрување на квалитетот и текстот на законот вклучувајќи и амандаман кој директно ги штити лицата под 18 годишна возраст, предлог кој го образложи пратеничката од владејачката партија Ангелинка Петкова.
„При рекламирањето на интернет на игрите на среќа, како и на телевизиски и радиски медиуми, на јасно видлив, читлив и/или звучно аудио разбирлив начин, задолжително мора да биде наведено, писмено или усно изговорено дека учеството во интернет игрите на среќа е забрането за лица под 18 години и дека може да предизвика зависност. Рекламирањето на игрите на среќа треба да биде во согласност со прописите со кои се уредуваат аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. Амандманот е заради прецизирање и дека рекламирањето на игрите на среќа на телевизиски и радиски медиуми мора да биде проследено со известување дека малолетни лица не смеат да учествуваат во игрите на среќа и дека учеството предизвикува зависност“, појасни пратеничката Петкова.
Со завршување на амандманската расправа, Предлог законот за игрите на среќа и за забавните игри ја продолжува собраниската процедура. Од Министерството за финансии очекуваат поддршка од сите пратеници со што ќе се регулира оваа стопанска гранка во општеството.






